Во градската библиотека во Пирлеп синоќа беше промовирана книгата „Мариово низ вековите“ од Милан Ристески, фолклорист и истражувач, поранешен директор на Прилепскиот архив.
Пред прилепчани и некогашни жители на Мариово, книгата ја промовираше Слободан Беличанец, кој нагласи дека авторото многу истражувал за да создаде досега најобемен пишан документ за Мариово Мариовците.
– Ова е хроника и како таква досега е најобемен пишан документ за Мариово и Мариовците. Хрониката е вид меѓу историските факти и романот. Книгата е во три дела и во нив се опишуваат настаните, востанијата, буните, преданијата и легендите за настанокот на Мариово низ вековите до двете светски војни. Авторот Ристески, фолклорист и истражувач, со години работел, истражувајќи ги домашните и странски архиви, многу време помина на теренот во Мариово меѓу некогашните жители за да ги забележи и нивните сеќавања. Пред нас имаме сеопфатно, бунтовно Мариво, со многу револуцонерна дејност и заслужно за многу пресврти во македонската историја. За жал денес е ретко населена област, но е се уште нецелосно истражено и има своја специфична историја, традиција, култура и културни богатства, рече Беличански.
Книгата е во издание на Градската библиотека, а редактор е синот на авторот Драган Миланов Ристески кој вели дека Мариово низ децениите е раселено поради лоши владини мерки.
– Низ децениите Мариово го напуштале жителите по подобар живот. Сега, дури и иронично речено, имаат преку еден и пол километар по глава на жител. Но, мора да се каже дека Мариово извршило големо историско влијание со сите буни и востанија, а се уште останува недоистражено за културните богатства, посочи Ристески.
Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески Мариово со подобра инфраструктура може да се развива како туристички резерват.
– Има недопрена, атрактивна природа за развој на туризмот, но и е еколошки недопрена средина. Има можности за производство на здрава храна, нагласи Ристески.
Мариово е во јужниот дел на Македонија на површина од околу 1.390 километри квадратни и е околу 5 насто од македонската територија. Има три дела, Прилепско, Битолско и Кавадаречко Мариово. Според пописот од 2002 година има вкупно 839 жители.