Со промоција на монографијата со народни носии „Од Љубанишча до Дебор“ од Љупчо Милошески утре во Паркот на поезијата во Струга ќе почне меѓународниот фолклорен фестивал „Фолклорен мост“.
Монографијата, како што истакна авторот во разговор за МИА, е резултат на неговото хоби, собирање народни носии и елементи од носии од охридско – струшкиот регион, па се до Дебар.
– „Од Љубанишча до Дебор“ содржи невестински народни носии од крајот на 19 и почетокот на 20 век, од брсјачката и дебарско – реканската етнографска целина. Најголем виновник што ова дело ја виде светлината на денот е мојот ментор, кој ќе биде и промотор, професорот Владимир Јаневски, изјави Милошески, посочувајќи дека присутните ќе имаат можност да погледнат и изложба со фотографии од монографијата.
Во рамките на манифестацијата „Фолклорен мост“, следниот ден, на 21 август по седум години пауза, ќе се одржи ревија на народни носии во Струга. За ревијата, како што соопшти организаторот центарот за култура „Браќа Миладиновци“ и КУД „Илинден“, најавени се над 20 учесници, колекционери на народни носии, културно уметнички друштва и ансамбли.
На 22 август предвиден е годишен концерт на младинскиот состав од КУД „Илинден“, а како гости ќе настапат културно уметничките друштва „Дримкол“ од Вевчани и „Бисер“ од Кичево, како и фолклорниот ансамбл „Мислешево“ од село Мислешево.