Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП), вечер ќе ја промовира книгата „Македонските бронзи: религијата и митологијата на железнодобните заедници од Средниот Балкан“ на проф. д-р Никос Чаусидис.
Монографијата ги обработува македонските бронзи – археолошки предмети од VIII – VI век пр.н.е., пронајдени во Македонија и во соседните балкански региони, кои се користеле, пред се, како накит со симболичка и со култна намена. Преку анализа на формата, значењето и на намената на овие наоди, како и преку нивно споредување со пишаните извори и со соодветни традиции присутни во други култури, авторот се стреми да реконструира некои аспекти од религијата и од митологијата на популациите што ги произведувале и што ги користеле овие предмети.
На промоцијата ќе бидат претставени содржината на оваа електронска книга и алатките за нејзино интерактивно читање и пребарување, а ќе биде ставен во функција и линкот за нејзино преземање од вебсајтот на ЦИП (www.cip-cpr.org).
Настанот ќе биде проследен со вокално-инструментален перформанс во кој се вклучени реплики на македонските бронзи комбинирани со традиционални народни носии од Македонија.
Издавач на монографијата е Центарот за истражување на предисторијата, а промоцијата е во соработка со Археолошкиот музеј на Македонија и ансамблот „Македонија“.