Музејот „Теракота“ од Виница годинава ќе реализира десетина проекти од археологијата и презентација на културното богатство од Виничкиот крај, преку работилници, изложби и објавување каталог.
Јулијана Иванова, директор на Музејот од Виница информира дека годинава активностите ќе ги започнат со реализирање на традиционалната „Музејската ноќ“.
– Ќе ја реализираме и детската керамичка работилница со вклучување ученици од виничките основни училишта и Дневниот центар на лица со посебни потреби, а ќе објавиме и каталог во двојазично издание за постојната поставка на музејот „Теракота“, изјави Иванова.
Иванова истакна дека и годинава се планирани средства за продолжување на истражувањата на археолошкиот локалитет Коколов рид кај Виница, на кој континуирано се работи неколку години.
На археолошкиот локалитет Виничко кале годинава ќе работи Конзерваторскиот центар од Скопје во конзервација на еден од бедемите и едната кула, кои потоа со останатите делови од веќе заштитетното Виничко кале ќе бидат достапни до посетителите.