Признанието „Златен објектив“ врачено на Илинденка Петрушева

Од:

На Илинденка Петрушева, филмски критичар, публицист, советник-филмолог, промислувач и истражувач на историјата на македонската кинематографија, денеска во Кинотеката на Македонија и беше врачено признанието „Златен објектив“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија.

Признанието се доделува по повод Денот на Кинотеката на Македонија, и тоа на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската киноматографија да се создаде, развива, промовира и популаризира.

На Петрушева признанието и го врачи директорот на Кинотеката на Македонија, Бошко Грујоски, кој во обраќањето пред присутните рече дека наградата „Златен обејктив“ ја добива најголемиот познавач и неуморен истражувач на филмската уметност кај нас, но и еден од основачите на Кинотеката.

– „Златниот објектив“ го доделуваме на денот кога го одбележуваме роденденот на Кинотеката на Македонија, а Илинденка токму пред 41 година работеше на создавањето и формирањето на оваа наша институција. Ги направи првите чекори и филмски програми, кога ги организира првите филмски трибини и дебати, како и средби на филмски професионалци и фестивали – тука мислам на фестивалот Браќа Манаки, истакна Грујоски.

Потоа, нагласи, беше тука кога беа организирани првите изложби и кинотечни симпозиуми, кога се подготвуваа Кинотечниот месечник и Кинописот, кога се средуваа и дополнуваа архивите со пишувана документација, личните фондови и оставштини…, кога имаше и нови вработувања, нови раководства и политики, нови простории и депоа, нови филмски радости и стари кинотечни болки. Тој рече дека Петрушева за многумина била и е синоним за Кинотеката на Македонија.

– Нејзиниот професионален ангажман во правец на популаризирање, ширење, истражување и антиципирање на филмската уметност и филмската историја е исклучителен. Фасцинира бројот и разновидноста на нејзините темелно подготвени и истражени библиографии, биографии, монографии, книги, написи, есеи и рецензии за македонската кинематографија…, додаде Грујоски.

Александар Прокопиев, прозаист, есеист и поет, рече дека Илинденка Петрушева е синоним за македонскиот филм во многу аспекти.

– Она што професионално, но и човечки навистина восхитува тоа е нејзината огромна енергија, огромна дарежлива природа кон сите таленти и генерации, споена со еден краен професионализам, затоа што се споиле човекот, научникот и магепсничката. Филмот навистина е магија, но да се влезе во таа магија и потоа да се стане магепсничка на филмот со бројни изданија, резултати, дела и да се пренесува таа магија на сите оние кои се околу неа, тоа е нешто што е за голем восхит како животно дело, додаде Прокопиев.

Петрушева се заблагодари за признанието и истакна дека Кинотеката на Македонија е една врвна национална институција во Република Македонија и на ниво на регионот. Посочи дека Кинотеката е една од најзначајните институции која работи со високи професионални стандарди.

Таа рече дека има недостиг од советници филмолози и повика вработени во Кинотеката да добијат звања. – Погрижете се проектот за реставрација на Бардовски конаци да се оствари и јас да дојдам како почесен гостин, додаде Петрушева.

По доделувањето на наградата се одржа и проекција на документарниот филм „Бабички на револуцијата“.

Би можело да ве интересира

Македонски филмови во мајската програма на Кинотека со фокус на творештвото на Столе Попов

Предраг Петровиќ

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата