По повод првата година од одбележувањето на Денот на македонскиот јазик, Владата денеска ќе организира прием на кој ќе се обрати премиерот Зоран Заев. На владина седница минатиот месец беше донесена одлука 5 Мај од оваа година да биде Ден на македонскиот јазик како празник од работен карактер.
Прогласувањето е во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945 година за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис со што беше стандардизиран македонскиот јазик.
Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска ќе организира трибина „Употребата на македонскиот јазик“ во рамки на манифестацијата „Денови на Благоја Корубин“. Ќе се разгледуваат прашања за почитувањето на стандарднојазичната норма во сите општествени сфери и во одделни функционални стилови, за поставеноста на македонскиот јазик во законските и подзаконските акти – македонскиот јазик во образовниот процес, достапноста и потребата од лексикографски изданија како значаен предуслов за усвојување и изучување на македонскиот стандарден јазик, приоритетните задачи во лингвистичките истражувања итн.
Поздравни обраќања на трибината ќе имаат лингвистите Снежана Велковска, Снежана Веновска-Антевска, Људмил Спасов, Благица Петковска и Елизабета Бандиловска.
Одбележувањето на Денот на македонскиот јазик ќе продолжи на 14 мај кога во организација на Филолошкиот факултет при УКИМ ќе биде посетена родната куќа на Блаже Конески во прилепско Небрегово, каде што ќе биде промовирана книга посветена на изданието „Македонски текстови од Х до ХХ век“ на Блаже Конески и Оливера Јашар-Настева.
Делегатите на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 го прогласиле македонскиот јазик за официјален во македонската држава. Азбуката е создадена на 3 мај 1945 и е предложена на тогашната Влада. Таа ја прифатила и азбуката е официјализирана на 5 мај со објавување во весникот „Нова Македонија“.