Претставување на „Гласоечкото“ и „Копачката“ во Софија

Од:

Светските културни наследства од Македонија заштитени од УНЕСКО, „Гласоечкото“ од Долни Подлог-Тетовско и „Копачката“ од делчевско Драмче, вечер и утревечер ќе бидат претставени пред дипломатскиот кор во соседна Бугарија и во Рускиот културно-информативен центар во Софија.

Членовите на триото „Гавровски“ и на „Копачката“ пред поаѓањето од Делчево кон Софија информираа дека нивните настапи се од исклучително значење и по повод Денот на независноста на Македонија 8 Септември.

– Се гордееме со овој настап, ова е несекојдневно за нас. Вечерва во хотелот „Бисер“ во Софија наши гости ќе бидат дипломати во Република Бугарија, претставници на дипломатскиот кор. Вечерашниот настап е многу важен за нас, бидејќи ги носиме двете заштитени културни наследства од Македонија и ја промовираме нашата држава. Утревечер имаме концерт во Рускиот културно-информативен центар, каде ќе имаме одбрана публика, влезот ќе биде слободен и имаме подготвено подолга програма и настап заедно со Женскиот младински хор од Скопје „Св. Злата Мегленска“. Настапуваме заедно и сметаме дека и овој настап ќе биде одлично примен од публиката, рече Перса Стојановска од ЗФГ „Копачка“.

Таа додаде дека 69 години Копачката успешно ја промовира уникатната играорска традиција од Пијанец и ги чува автентичните чекори од орото „Копачка“, онака како што се играле во старо време во селото Драмче.

Мирослав Гавровски од триото „Гавровски“ потенцираше дека е голема чест да се претставува Република Македонија.

– Ние ќе ги претставиме македонските непроценливи богатства, две раритени нешта. Има голем интерес кај публиката, голем интерес кај младите за продолжување на оваа традиција и посебно сме горди што ќе направиме убав спој на вокалната и орската традиција во Македонија, две уникатни нешта заштитени од УНЕСКО. „Гласоечкото“ е семејно наследство и едно богатство кое се чува со генерации од прадедо ми, па дедо ми, татко ми и чичковците, а јас сум синот на Милорад Гавровски и продолжуваме да го промовираме „Гласоечкото“ секаде каде што има интерес, истакна Гавровски.

Концертите во Софија се продолжение на бројните настапи низ Европа и промоција на македонското нематеријално културно богатство заштитено од УНЕСКО, а се организираат од Министерството за култура на Република Македонија, преку Културно–информативниот центар во Софија и во соорганизација на Амбасадата на Република Македонија во Бугарија.

Би можело да ве интересира

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

Од 16 награди на светскиот фестивал во Јесоло -6 за Скопското училиште Кузман

Предраг Петровиќ

Нов детски фолклорен фестивал во Битола

Ана Ололовска

Фестивалот и натпревар „Инструментите на моите предци“

Ана Ололовска

КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце со Новогодишен концерт ги завршува годинашните настапи

Ана Ололовска

Онлајн промоција на првата музичка фолк сликовница за деца „Слушам кај шумат шумите“

Ана Ололовска