Делегација на Сојузот на филателистите на Македонија на средба со министерката за култура Ирена Стефоска го претстави проектот „Сто години од раѓањето на седум народни херои 1921 – 2021“. Притоа, како што соопштија денеска оттаму, делегацијата ги депонирала седумте пригодни пликови посветени на народните херои Борка Талески, Христијан Тодоровски Карпош, Ванчо Прке, Илија Јованоски, Славчо Стојменски, Васко Карангелески и Крсте Црвенковски.
– Овие пликови беа проследени со ликовите на хероите обработени од страна на македонски уметници и дизајнери, пригодни печати изработени од АД Пошта на Северна Македонија и поштенски марки со мотиви од родните места на хероите, соопшти Сојузот на филателисти на Македонија.
Беше најавено дека во 2022 година Сојузот на ист начин ќе ја одбележи стогодишнината од раѓањето на тројца народни херои: Ѓоре Дамески, Вангел Нечевски и Бајрам Шабани.
– Министерката Стефоска ја подвлече важноста на овие проекти со кои преку поштенските марки и филателистичкиот материјал се афирмира уметноста, историјата и реалноста во нашата држава. Министерството од своја страна ќе се заложи културните институции да бидат вклучени во промоциите на идните активности на Сојузот на филателистите на Македонија, се вели во соопштението.