Балетската претстава „Огнени градини“ на музика од шпанскиот композитор Мануел де Фаља, во кореографија на Џејмс Амар од Франција, вечер премиерно ќе биде изведена во Македонската опера и балет.
Како што соопшти МОБ, претставата е составена од три дела (Градините на Алхамбра, Кордоба и т.н. Маѓепсана љубов), а кореографијата содржи доста елементи од шпанските традиционални танци, со акцент на фламенгото.
Сценограф е Зоран Костовски, а костимограф Александар Ношпал. Со оркестарот на МОБ ќе диригира гостинот од Шпанија, Јозеп Висент. Гостинка во претставата е и вокалната солистка Хинеса Ортега Кортес, позната по изведбите на фламенгото. Во пијано придружба е Дино Имери. Настапуваат првенците, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Македонската опера и балет.
Репризата на претставата е утре кога со оркестарот ќе диригира Бисера Чадловска, а како вокална солистка ќе настапи нашата мецосопранистка, Ирена Кавкалевска.