Познати добитниците на наградата „Антево слово“

Од:

Драгана Евтимова за нејзината песна „Белег“ ја освои прва награда на Mеѓународниот конкурс за поезија „Антево слово”, распишан по трет пат од Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ .

Како што се посочува во соопштението од манифестацијата, која денеска ги прогласи годинашниве лауреати, втората награда оди во рацете на Сузана Мицева за песната „Тефтер“ и на Давиде Роко Колокраи за песната „Ќе бидам моето убаво сонување“ , а трета награда е за Игор Крајчев и песната „Победа“.

Тоа е одлуката на Жирито во кое членуваат претставници од семејството на доајенот на македонската поезија Анте Поповски, како и еминентни претставници од книжевната област во Македонија и организаторот на меѓународниот фестивал Анџело Ла Векија, односно: академик Катица Ќулавкова, Геро Ла Векија, Митко Гогов, Александар Поповски и Жорж Поповски.

Специјални наградени ќе бидат доделени на: Марина Икономова Шокева („Стојам и гледам“, Дина Кампања за песната „Свилени навои“ и Зоран Костески за „Ќе те сместам во стиховите“.

Наградените автори ќе бидат застапени и во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“.

Во образложението за првонаградената песна „Белег“ на Евтимова се наведува дека е конкретна стилистичка творба во која во преден план доаѓаат авторефлексивноста и автореференцијата преку средбата со огледалото кое нуди не само одраз на нејзината внатрешна авторска поетска панорама, туку истовремено и психолошко дефинирање на карактерните особини и животната филозофија, кои се проткаени во еден современ, слободен манир на пишување.

– Стиховите во оваа песна не замислуваат и обременуваат, ни даваат мотивација да бидеме похрабри, да го пречекориме прагот, да се соочиме со самите себе, па дури и да поверуваме во еден свет во кој Другиот и другоста можат да ни помогнат да научиме да бидеме подобри. Симболиката и самата структура на песната продираат во минатото, како значаен елемент за нашиот развој, ослободена од непотребните естетки елементи, минималистична, конкретна и на момент продуховена, се посочува меѓу другото за песната „Белег“.

Организаторите го поздравуваат големиот одзив и на третиот објавен конкурс со учеството на повеќе од 100 автори и се надеваат дека во иднина сѐ повеќе поети ќе имаат можност да го промовираат своето творештво како и да им се отвори можност да бидат прочитани од интернационална публика. Воедно упатуваат честитки до сите учесници на оваа манифестација која, наведуваат, допрва ќе направи Каникати, а со тоа и Сицилија да станат новиот светилник на италијанската, македонската и на европската и светска поезија.

Официјалното доделување на наградите ќе се случи во Спомен собата на Анте Поповски во Центарот за култура во населбата Ѓорче Петров во Скопје, а датумот ќе биде дополнително објавен.

Би можело да ве интересира

Во тек конкурсот за наградата „Антево перо“

А1он

„Од исто тесто – стихови за смртта и надежта“ нова поетска книга од Бранко Цветкоски

Ана Ололовска

„Возови на смртта“ нова збирка песни на Зоран Пејковски

Ана Ололовска

Хусто Хорхе Падрон застапен во новото издание на битолски „Современи дијалози“

Ана Ололовска

Конкурс за најдобра песна на „Празник на липите 2020“

Ана Ололовска

Трет фестивал на поезија за деца „Стихувалки 2020“

Ана Ололовска