Наградата „Антево Перо“ за 2023 година за „50 испеани приказни “ од Александар Русјаков

Од:

Жири-комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), пред да пристапи кон донесување на завршната одлука за наградата „Антево перо“, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, уште еднаш го изрази своето задоволство од одличниот одзив за оваа награда. Пристигнаа 73 стихозбирки, со најразличен поетски израз, квалитети и трендовска и жанровска разноликост, од кои во потесен избор за наградата влегоа шест стихозбирки: Александар Русјаков – „50 испеани приказни“, Љубинка Донева – „Монолог на пирејот“, Милена Сиљаноска – „Болопадание“, Кирил Ангелов – „сновиденија“, Александра Спасеска – „Координати на болката“ и Томе Липовски – „А што да речам“. По темелно разгледување на вредностите на секоја од овие шест стихозбирки и по завршните дискусии на членовите на жирито, Комисијата едногласно донесе одлука наградата „Антево Перо“ за 2023 година да ѝ припадне на стихозбирката „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков.

Поетската збирка „50 испеани приказни“ на мултиталентираниот Александар Русјаков нуди една малку поинаква поетика што нѐ пречекува уште на самиот почеток кога ја восприемаме преку формата. Во оваа поезија во проза, која понекогаш се движи по рабовите на овој вид, се менуваат во свеста на читателот филмски кадри од надреалистички поетски слики од секојдневието и животот на еден длабок доживувач на реалноста. Тие кадри ја менуваат техниката наизменично и прикажаното преминува во анимиран филм во црно-бела техника каде секој кадар е нацртан рачно и во секоја линија се гледа пораката што поетот сака да ни ја пренесе. Во оваа поезија има многу за љубовта, но таа љубов е лишена од тривијална патетика. Интертекстуалноста е суптилно нагласена преку експресионистичките постапки на Кафка, но и апсурдноста на Ками, суровоста на Буковски и брилијантната реалистичност на Достоевски. Ерудитивноста на Русјаков и неговите широки познавања на уметноста во сите нејзини форми и карактеристики создава една синкретична поезија. И оксиморонот и парадоксот му овозможуваат на поетот директен и недвосмислен начин на соопштување на својата, на личната преспектива на времето, просторот и луѓето во тој простор и време со што се осмислува и оправдува неговото постоење во центарот на сето тоа. Со оваа поезија, Русјаков соопштува универзални, но важни поетски пораки доближувајќи се до ѕвездените корени на Анте Поповски во кои секоја песна се раѓа и вечно живее.

Во согласност со пропозициите на Манифестацијата, Комисијата, исто така, реши да додели и две награди „Антев златник“. Комисијата едногласно одлучи наградите „Антев златник“ за 2023 година да ги додели на Милена Сиљаноска за стихозбирката „Болопадание“ и Александра Спасеска за стихозбирката „Координати на болката“.

Поезијата на Милена Сиљаноска со новоискован наслов „Болопадание“, претставува освежување во македонската книжевност. Песните од оваа збирка, со својата баладичност и лиричност, промовираат поетски тон на една топла меланхолија која напати ја има таговната нишка на португалското фадо, а напати лесната ритмичност на бразилската боса нова. На тој начин, оваа поезија упатува на еден цел интертекстуален свет, кој надополнет со сложените фигури и јасниот јазичен израз, става пред нас поестки ракопис кој го интригира читателот и со право го заслужува неговото внимание.

Во збирката поезија насловена како „Координати на болката“, Александра Спасеска ни претставува кратки и јасни стихови во модерен манир кои имаат традиционален призвук и оддаваат почит на македонските поети и нивната поезија. Преку микроскопијата на навидум неважните детали на секојдневието, оваа поетеса ни го свртува вниманието кон цели универзуми со што тие детали добиваат нови значења и во нашето секојдневие. Преку умерената фигуративност, графичките интервенции кои се во функција на смислата на песните и новосмислените зборови, Спасеска прави универзална поетска мапа на човечката болка, која вака испеана е полесна и поподнослива.

Конечно, Жирито дискутираше и за трите стихозбирки кои влегоа во потесен избор за наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети кои творат на македонски јазик: Емануела Ковачевска Китановска – „Второ детство“, Светла Јакшиќ – „Ноќен суфлер“ и Александра Атанасова – „Душебол“. По темелно разгледување на сите збирки, Комисијата донесе одлука наградата „Антев часовник“ да ѝ припадне на стихозбирката „Ноќен суфлер“ на поетесата Светла Јакшиќ.

Појавата на збирката поезија „Ноќен суфлер“ на Светла Јакшиќ е една нова светлина меѓу младите македонски поети, која со својата младешка свежина на поетскиот израз никого не остава рамнодушен. Песните од оваа збирка понекогаш личат на врамени уметнички фотографии во различни техники и бои, а понекогаш се уметнички слики на кои може да се види и самиот процес на создавање. Во оваа музејска поставка на секојдневието, поезијата е насликана со густо напластена, сложена фигуративност и ферментиран стил кој треба да продолжи да расте и да се развива.

Комисијата искрено им се заблагодарува на сите учесници на Конкурсот за наградата „Антево перо“ и изразува надеж дека и во иднина ќе продолжи интересот за оваа престижна награда. Во наредниот период ќе следи уште едно Соопштение со кое јавноста ќе биде информирана за датумот, местото и терминот на официјалното прогласување на победникот на Конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2023 година и врачувањето на сите награди.

Би можело да ве интересира

Омаж во чест на академик Анте Поповски

Дванаесет стихозбирки во поширок избор за наградата „Антево перо“

Наградата „Антево перо“ за 2022 за стихозбирката „Куќа“ од Јулујана Младеновска Тешија

Пет поетски наслови конкурираат за наградата „Антеви Перо“

Ана Ололовска

Девет стихозбирки во поширок избор за наградата „Антево перо“

Ана Ололовска

Излезе од печат Зборник на трудови „Антево дело“

Ана Ололовска