Поради сиромаштија и проблеми граѓаните заборавија на културата

Од:

Нискиот животен стандард и секојдневните проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани, придонесува тие се поретко да бидат присутни на културно уметничките настани.

Според последните податоци за 2011/2012 од Државниот завод за статистика, бројот на посетители на театарските претстави во професионалните театри се намалил за 30,1% во однос на 2010/2011, а просечниот број на посетители на една претстава е 244.

Намален е и бројот на прикажани театарски претстави за речиси осум проценти, а просечниот македонски граѓанин ретко може од својата потрошувачка кошничка да одвои пари за култура и рекреација. Интересот за културни активности е намален и кај младите луѓе, што за експертите е загрижувачко.

tatjana-stojanovskaСоциологот Татјана Стојановска за А1он објаснува дека освен општата забелешка дека посетите на културните манифестации се намалени, загрижувачки е фактот дека многу мал број на студенти и адолесценти ги посетуваат културните настани, а како што вели, тие се носителите на општествените промени и прогресот.

Таа смета дека е потребно државата да вложува целосно во културната надградба на граѓаните, а со тоа и да го развива целокупниот културен хабитус на личноста.

„Само изградбата на споменици не е надградба на културата“, вели Стојановска.

Искра Гешоска, претседател на Контрапункт и на ЈАДРО, асоцијација на независната културна сцена, смета дека историјата на развојот на културата, а следствено, и историјата на уметноста, укажуваат на тоа дека културните потреби не се врзани исклучиво со економската благосостојба (Германија помеѓу двете светски војни има најголема економска криза, но најдинамичен културен живот).

Стојановска, коментира дека сиромаштијата, економската криза и времето во кое се наоѓа државата се суштествени за ситуацијата во културата. Сиромаштијата најмногу влијае на промената на интелектуалниот хабитус кај луѓето, насочувајќи ги кон гола борба за егзистенција без размислување за културно надградување и развивање. Ако човек го тишти секојдневна борба за гола егзистенција, тој не може и не сака да размислува за култура, коментира таа, велејќи дека:

„Ако мене желудникот ми е празен и мене желудникот континуирано ме гризе, јас не можам културно да се надградувам“.

iskra-geskoska-21-martЗа Искра Гешоска рак-рана на македонското општество е немањето на адекватни културни политики кои ќе ги стимулираат современите културни практики и кои ќе ја промовираат секојдневната урбана култура.

Наспроти ова, објаснува таа, се создава култ на квази-елитен концепт за културата, кој наместо да нуди стимулативни и прогресивни содржини, нуди ретроградни култруни и уметнички концепти.

Д-р Мишел Павловски, професор по културни студии и театролог, за А1он објаснува дека драстичниот пад на посетеноста на театарските претстави е заради губење на интересот кај публиката, бидејќи она што се нуди не одговара на нејзините желби и потреби.

Ова може да значи пад на квалитетот на уметничкиот производ или пак формата на истото да не е компатибилна со барањата и потребите на публиката.

„Може да се говори и за расчекор меѓу естетските и културните ставови меѓу публиката и театарот“, вели тој.

mishelПравејќи паралела меѓу економската моќ на населението и аматеризмот, Павловски вели дека, ако аматеризмот подразбира ентузијазам, вложување и интелектуални и физички средства во некој проект, а во државата константно имаме околу 30% сиромашни граѓани, не можеме да очекуваме ентузијазам и вложување.

Гешоска смета дека постојат многу социо-културни атрибути и аргументи за тоа зошто и колку граѓаните имаат потреба од „заедништво“ со културното и уметничкото творештво, а еден од тие атрибути е образованието. Според неа, образовниот курикулутм, уште од најраната возраст мора да најде механизми за стимулирање и на творештвото но и на потребата од уметничка рефлексија на целиот општествен, па и политички контекст.

На ова се надоврзува и Стојановска, која вели дека во рамките на самото образование треба да се направи еден вид на национална програма за културно надградување, почнувајќи од примарните групи во образованието. Таа препорачува изработување на национална стратегија за културна надградба на луѓето.

„Во образовните инсититуции треба да се направи програма со која ќе се гради нешто ново, а не само да се вложува во одржување на постојното“, заклучува таа.

„Сметам дека во Македонија еден од клучните проблеми за исклучителното ниско ниво на културни потреби кај граѓаните е лошиот образовен систем, кој создава бескрајно поданички личности кои немаат капацитет за критичко мислење“, вели Гешоска, истакнувајќи дека културата и уметноста треба да се пример за критичка рефлексија, креативен дијалог и критичко мислење.

Темјана Поповска

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов