Почнува снимањето на играниот филм „Три дена во септември“

Од:

Во понеделник ќе почне снимањето на „Три дена во септември“ – дебитантски игран филм на режисерот Даријан Пејовски, кој заедно со Игор Иванов го напиша сценариото.

Во пресрет на првата клапа (официјално на 22 септември на железничката станица во Драчево), продукцијата „Скопје филм студио“ и дел од екипата денеска на прес-конференција најавија современ, психолошки трилер, студија на два женски карактера (Камка Тоциновски во улога на Марика и Ирена Ристиќ како Јана), кои преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми.

Директор на фотографија е Димо Попов, сценограф Снежана Поњаниќ-Муча, костимограф Емилија Ивановска-Атанасовска, а музиката е на Александар Пејовски.

Режисерот Пејовски, кој веќе има потпишано неколку кратки филма, рече дека се работи за мал филм, камерна приказна.

– Би рекол женски филм, нешто што допира до трилер, но трилер базиран врз карактери, а не врз некоја голема идеја или некоја комплицирана драматургија. Две комплетно различни жени во еден момент се заробени во еден простор и единствен начин да излезат од таму е да си помогнат една на друга. Мислам дека ќе биде освежување за нашата кинематографија, рече Пејовски.

Косценаристот Игор Иванов додаде дека идејата за филмот е од пред три години.

– Дејството се случува во само три дена и оттаму произлезе насловот, кој претходно беше само септември. Станува збор за студија на карактери – два женски лика кои носат различни конфликти, а се спојуваат во заедничкиот интерес да се разрешат. И тоа успева на крајот. Иако е едноставен, тоа е длабок филм, не во интелектуална смисла, туку во вистинска, синеастичка смисла, истакна Иванов.

Директорот на фотографија Димо Попов рече дека со ист ентузијазам влегува во секој проект и за него не постојат мали и големи филмови.

– Ова ќе биде мој втор игран филм и драго ми е што ќе работам со ваква екипа. Приказната е интересна, современа и не е обременета со некои тешки и големи пораки. Универзална е и би можела да функционира со различна публика, рече Попов.

Продуцентот Томи Салковски соопшти дека буџетот не е затворен и се очекува да биде над 300.000 евра. Од Агенцијата за филм проектот доби 200.000 евра, максимален износ за поддршка на дебитантски филм, со 49.000 евра учествува партнерскиот продуцент – „Иконе студио“ од Косово.

– Останатите средства се обезбедуваат по пат на спонзорства, а голем дел од авторската екипа се откажа или во целост или од дел од нивните хонорари за овој филм да може да биде снимен и возможен со овој низок буџет, рече Салковски.

Покрај Камка Тоциновски и Ирена Ристиќ, во актерската екипа се и: Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Кријезиу, Ментор Зимберај и Блерим Черичи. Филмот ќе се снима 20 дена на локации на Преспанското Езеро, паркот Јасен и во Скопје.

Би можело да ве интересира

Македонски филмови во мајската програма на Кинотека со фокус на творештвото на Столе Попов

Предраг Петровиќ

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата