Почнува снимањето на филмот „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски

Од:

Долгометражниот игран филм на Светозар Ристовски со работен наслов „Лазар“ ќе почне да се снима в недела напладне на фудбалското игралиште „Металург“ во скопската населба Автокоманда.

Филмот ќе се снима по сценарио на Светозар Ристовски и Грејс Лиа Троје и е копродукција меѓу „Смол мувис филмс“ од Македонија, „МП Филмска продукција“ од Хрватска, „Гала филм“ од Бугарија и „Аризона продакшн“ од Франција.

– Филмот е приказна за 25-годишниот Лазар и 32-годишниот Тони, чија тешка економска состојба ќе ги втурне во нелегалниот свет на шверцување мигранти. Набргу, сосема несвесно, тие ќе се претворат во луѓе кои најмногу ги презираат своите татковци. Жанровски, филмот е  современа, психолошка кримидрама и се случува во популарно наречениот транзициски период во посткомунистичка Македонија, информира „Смол мувис“.

Ова е трет целовечерен филм на Ристовски, кој по интернационалниот успех со првенецот „Илузија“ (Mirage) во Канада, го сними филмот „Драг господине Гејси“ со познатиот холивудски актер Вилијам Форсајт, продуциран од оскаровецот Кларк Петерсон.

Најголем дел од филмот ќе се снима на територијата на  Македонија, на локации во Скопје, Штип, Демир Капија, и неколку дена во Софија.

Главните улоги ќе ги играат Дејан Лилиќ, хрватскиот актер Ведран Живолиќ и Наташа Петровиќ, а во екипата се и Владо Јовановски, Тони Михајловски, актерите од Бугарија Красимира Кузманова и Александар Сано, хрватскиот актер Горан Навојец, Александра Балмазовиќ од Словенија… Директор на фотографија е Дејан Димески, сценограф Игор Тошевски, костимографи Катерина Колимбатовиќ и Невена Чакловиќ.

„Смол мувис“ соопшти дека проектот досега е финансиски поддржан од  Филмскиот фонд на Македонија, од хрватскиот Аудиовизуелен центар, Националниот филмски центар на Бугарија, од СЕЕ Синема нетворк, Аризона дистрибјушн и од европскиот фонд „Еуримаж“.

Би можело да ве интересира

Македонски филмови во мајската програма на Кинотека со фокус на творештвото на Столе Попов

Предраг Петровиќ

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата