Почна Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“

Од:

Со дефилето во центарот на Прилеп и со настапот на учесниците на камената бина на плоштадот „Александрија“ синоќа почна 41. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.

По булеварот „Гоце Делчев“ дефилираа учесниците од цела Македонија и гостите од Русија и од Србија.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на советот Илчо Јованов кој смета дека мисијата на светскиот гајдаџија Пеце Атанасовски се исполнува, а изворната музика облагородува.

– Музиката е волшебство, магија. А Фестивалот го нуди тоа волшебство, ја негува, зачувува и ја пренесува традиционалната музика како културно богатство. Пеце Атанасовски тоа го знаеше и го пренесуваше секаде во светот. Годинава тоа ќе го направат околу 300 учесници,  рече Јованов.

Според градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, Фестивалот е почеток на богатото прилепско културно лето.

– Чест е да се поддржи една традиција долга 40 години во која Прилеп и Долнени имаат нераскинлив дел. Така ќе биде и натаму, рече Ристески.

На камената бина на плоштадот „Александрија“ настапија изворни исполнители, гајдаџии, свирачи на тапан, зурла, кемане од Македонски Брод, Битола, Карбинци, Демир Капија, Теарце и Подгорија, Тетовско, од Прилеп, Пробиштип,  од Чалакли, Валандово, Крива Паланка и гостите од Русија и Србија.

Изворната музика се пренесува на новите генерации, вели Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот.

– Имаме учесници од 5 па до преку 60 години што значи богатиот изворен мелос се негува и се изучува. Тоа е и една од целите на фестивалот, вели Величковска.

Денеска на фестивалот од 11 часот во киното „Мис Стон“ ќе биде проекцијата на едночасовниот видео запис за ланското јубилејно 40. издание на Фестивалот, а во 12 часот во Домот на културата е трибината на улогата на фестивалот во зачувувањето и пренесувањето на изворниот мелос во Македонија и во светот.

Попладне од 17 часот учесниците ќе тргнат на Рудина кај Долнени на втората фестивалска вечер. Фестивалот таму ќе го поздрави претседателот Ѓорге Иванов. На најдобрите учесници ќе им бидат доделени Гран при наградата и гајдата на Пеце Атанасовски што ја обезбедува општина Долнени.

Би можело да ве интересира

Нов детски фолклорен фестивал во Битола

Ана Ололовска

Фестивалот и натпревар „Инструментите на моите предци“

Ана Ололовска

КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце со Новогодишен концерт ги завршува годинашните настапи

Ана Ололовска

Онлајн промоција на првата музичка фолк сликовница за деца „Слушам кај шумат шумите“

Ана Ололовска

Изложба на фотографии од традиционални носии во Гевгелија

Ана Ололовска

В петок 33-то издание на „Охридските староградски средби“

Ана Ололовска