„Пипи долгиот чорап“ утре премиерно во Театарот за деца и младинци

Од:

Театарот за деца и младинци утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Пипи долгиот чорап“ по приказната на шведската писателка Астрид Линдгрен. Ќе ја режира Драгана Милошевски-Попова, а актерката Соња Стамболџиоска ќе го игра насловниот лик.

Режисерката на прес-конференција рече дека идејата да ја раскаже приказната за Пипи ја носи од детството кога на задачите за цртање во училиште децата често различно ги гледаат и прикажуваат работите.

– Низ приказната за Пипи да се поддржат децата кои имаат слобода и визија за нешто што е различно, да не мора сите да се облекуваме како под индиго, да се однесуваме на ист начин. Потребно е да дадеме свој израз и печат од детството, рече Милошевски-Попова.

Актерката Стамболџиоска се надева дека со улогата на Пипи ќе ги поттикне децата што ќе ја гледаат претставата од театарот да излезат послободни и посилни.

Адаптацијата ја направи драматургот Бојан Трифуновски, кој смета дека само за нас нелогичноста на Пипи, а за неа многу природниот начин на однесување и размислување, може да го скрши овој, како што рече, нереален и на погрешни нозе ставен свет.

– Пипи ја интересира само она што неа ја прави среќна. Треба карактер како оној на авторката Линдгрен, како Пипи, кој има генетски внесен цинизам што го пренесува во светската литература, рече Трифуновски.

Ќе настапат и Емра Куртишова, Мартин Јорданоски, Ана Левајковиќ-Бошков, Предраг Павловски, Татјана Павловска-Кочовска, Мики Анчевски, Бојан Кирковски, Владимир Лазовски, Марија Ѓорѓијовска и директорот на театарот Драган Довлев, кој на прес-конференцијата рече дека очекува претставата да патува по фестивали и да има многу изведби. Сценографијата ја изработи Кирил Василев, а костимите Марија Пупучевска. Кореограф е Симона Спировска, а музиката е на Маријан Неќак.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска