Петар Горко ја добива наградата „Актер на годината“ од „Дневник“

Од:

Редакцијата на весникот „Дневник“ го избра Петар Горко за Актер на годината во 2012-та, за улогата на Хенри Шести во истоимената претстава на Народниот театар-Битола. Наградата (статуетка и вредносен чек од 60.000 денари) на Горко свечено ќе му биде врачена задутре во 20 часот во Македонскиот народен театар, а во негова чест ќе биде изведена претставата „Декамерон“ во режија на Боњо Лунгов.

Петар Горко играше во третиот дел од трилогијата на Шекспир „Хенри Шести“ со која неговиот матичен, Битолски театар, во мај 2012 настапи на фестивалот „Светот за Глоуб“ на кој, во рамки на Културната олимпијада во Лондон, беа изведени сите 37 драми на Шекспир на исто толку различни јазици.

Горко ја оживеа насловната улога на добриот и нерешителен крал-верник, кому му пресудува подмолниот мечтател за круната Ричард. Во обновениот Шекспиров театар Глоуб, но со автентичен лик и конструкција како оригиналниот од 16/17 век, битолските актери го раскажаа на македонски јазик третиот дел од историската драма за граѓанската или Војна на розите (црвените и белите) во средновековна Англија и за борбите за превласт меѓу династиите Ланкастар и Јорк.

Првите два дела од трилогијата, режирана од Американецот Џон Блондел, ги одиграа театрите од Белград и Тирана. Македонскиот дел беше највисоко оценет од рецензијата на британски „Гардијан“.

– Претставата ги освои срцата и на критиката. Беше именувана како „инспиративна“, „бистра“, „стилска“ и „жизнерадосно инвентивна“. Нашиот Горко предизвика универзално одушевување и одобрување. Сцените на Хенри кон крајот на првиот чин беа изведени мудро и елоквентно донесени. Со тоа се согласи и престижниот „Гардијан“. Во својата анализа на настапот на битолчани, рецензентот вели тоа е „храбра продукција, со убави режисерски решенија и со добра глума на сите актери, каде што со стихот се владее суверено и прецизно, со до милилитар пресметана доза на хумор и иронија во мрачниот текст“, наведува „Дневник“ во образложението за наградата „Актер на годината“.

До настапот на Битолски, драмата „Хенри Шести“, која е од раното творештво на Шекспир, не била изведена во Лондон дури ни на англиски јазик. По повод гостувањето, ова дело на Шекспир првпат беше преведено на македонски јазик од проф. Драги Михајловски.

„Дневник“ ја востанови наградата „Актер на годината“ пред две години и ја доделува за најдобро актерско остварување. Прв лауреат, за 2010-та, беше актерот Дејан Лилиќ за улогата на „Хамлет“ во истоимената претстава на Драмски театар-Скопје. Награден за „Актер на годината“ во 2011-та беше Рубенс Муратовски за улогата на кралот Агамемнон во претставата „Геноцид 21“.

Би можело да ве интересира

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска