Нови уметници изложуваат во креативното гумно во Слоештица

Од:

Во отвореното студио „Арт Поинт – Гумно“ во село Слоештица, општина Демир Хисар, утре од 13 до 18 часот, ќе изложуваат неколку уметници.

Тоа се уметниците Рози Њуман од Шкотска, Кимо Илонен од Финска, Дик Робертс од САД, Сашо Н. Алушевски и Сергеј Андреевски од Македонија.

Делата на уметниците се создадени за време на 15-та уметничка резиденција на Меѓународниот центар за уметност „Арт Поинт – Гумно“ во село Слоештица. Посетителите на т.н. отворено студио ќе имаат можност да поразговараат со уметниците.

Рози Њуман доаѓа од Кромарти, Шкотска. Таа е сликарка, скулпторка, а се занимава и со филм. Предава на „Универзитетот на Хајленд и островите“ во Инвернес. Нејзината креација е процес што почнува со цртежи и фотографии кои произлегуваат од опкружувањето.

Кимо Илонен е скулптор којшто живее и работи на островот Норската сместен близу југозападниот брег на Финска. Во своите дела, Илонен често користи природни материјали. За змејот што го креираше во Слоештица го одбра дабот – мошне ретко и скапоцено дрво на северот.

Сашо Н. Алушевски е фотограф, пријател на „Арт Поинт – Гумно“. Првенствено се занимава со уметничка фотографија. Изложувал и е добитник на многу награди во земјава и во странство. Најмногу истражува сценска фотографија и портрети. Како гостин на уметничката резиденција, тој ги портретира другите уметници и креира авторски фотографии.

Во галеријата на центарот, посетителите на отвореното студио ќе имаат можност да ја видат и изложбата „Лица“ на германската сликарка Герлинде Пистнер која гостуваше во Слоештица во текот на август.

Во рамки на оваа резиденција, американскиот уметник Дик Робертс (редовен гостин на „Арт Поинт – Гумно“) и Сергеј Андреевски, домаќинот, работно го обележуваат 20- годишниот јубилеј на креативна дружба.

Уметничката резиденција во Слоештица што почна на 10 септември, а ќе трае до 2 октомври и годинава делумно е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“