Пештерата „Рамниште“ во Прилепско, една од најпосетуваните, открива нови артефакти и податоци дека не е само ремек дело на природата, туку крие и остатоци од култура и присуство на човекот низ различни периоди.
Ова се почетни наоди кои ги констатира истражувачот и новинар Тренчо Димитриески кој повеќе од две децении ја истражува материјалната култура во Пелагонија и Мариовско.
Според констатациите на Димитриески, има траги дека човекот бил, не се знае од која намена, во пештерата зашто нашол многу фрагменти од керамика.
-Неодамна кога влегов со таква намера, се вчудовидов кога наидов на купови траги од култура. Можеби стотина фрагменти од керамички садови, најверојатно од разни периоди. Но, според моите скромни познавања констатирам, не сакам крајно да тврдам, дека во пештерата има култура од, веројатно, бронзеното или железното време. Најдов некои рачки од садови со јазичеста форма. А постарите фрагменти, фактички, се скаменуваат, се спојуваат со другиот состав на пештерата. Пештерата Рамниште е геолошки истражена. Илјадници луѓе ја посетиле. Формирана можеби пред два и пол до три милиоа години. Па некогаш овие пештери биле засолниште. Но ретки или воопшто нема наоди на култура во пештера, објаснува Димитриески по последната посета на пештерата.
Остануваат прашањата – како и зошто е посетувана пештерата Рамниште, дали за практични или култни намени, ритуални верувања.
– Има и преданија. Ете, за таканаречената Гостинска одаја има приказна. Зошто влегувале. Зошто има садови тука? Стотици. Сигурен сум дека има и од античкиот период – римски и македонски период, што велат, рана антика – од 4 век пред до 4 век во нашата ера. А има и од доцната антика, од средниот век. Значи може да констатираме дека пештерата е користена од човекот за различни намени: за култни, за заштитување, за некакви верувања, или практични намени, па дури и за криење, вели Димитриески.
Потребни се археолошки истражувања и стручни лица да одредат каква е материјалната култура.
-За жал во Македонија имаме малку палеонтолози, стручњаци за тој праисториски период. Предметите од тие периоди имаат специфични облици кои стручњаците за тој период може да ги препознаат. Потребни се сериозни истражувања, со сонди, смета Димитриески.
Пештерата Рамниште се наоѓа на локалитетот Рамниште, помеѓу селата Крстец и Оревоец. Се наѓа на западните падини на планината Козјак и е на 12 километри од Прилеп.
Како што објаснува Дарко Неданоски, спелеолог од спелеолошкото друштво „Златоврв“, првите истражувања се во 60-итете години на минатиот век, од првата генерација на друштвото „Златоврв“. Тогаш првпат е пронајдена и е посетена и е документирана пештерата. Вкупната должина на Рамниште е 110 метри, а длабока е 25 метри. Но, пештерата не е археолошки истражувана, а сакаме туристички да биде атрактивна.
-Оваа пештера е доста богата со пештерски украси: сталагмити, сталактити, сливови, драперии, завеси, столбови кои се во бела, црна, црвеникава и жолтеникава боја. Има и многу парчиња од различни видови керамика. Во минато време, жителите на Оревоец и Крстец сметајќи дека во длабочините на пештерата се кријаат зли духови, пештерата Рамниште ја нарекуваат и Духова дупка. Во одредени денови, како Духовден, носеле стомни, бардиња со вода, правеле ритуали за нивно здравје. Во 2013 година, спелеолошкиот клуб „Златоврв“ покрена иницијатива пред општина Прилеп за заштита и туристичко уредување на пештерата, но не наидовме на разбирање. Се надеваме дека во иднина оваа пештера ќе ја внесеме во туристичката мапа на алтернативни и авантуристички места за посета на туристите во нашиот град, изјави Неданоски.
Ова се, смета истражувачопт Димитриески, иницијални траги за археолошки да се констатира како, зошто, кога и низ кои, прецизни, времиња човекот бил во пештерата „Рамниште“.