Перформансот „Драга Републико“ премиерно ќе биде изведен на 26 септември (недела) во 19.30 часот во зградата на Централната пошта во Скопје по што во 21.30 ќе следува концерт на Мухамед Ибраими. Перформансот ќе биде одигран и на 27 септември (понеделник) во 19.30 и во 22.00 часот; 29 септември (среда) во 19.30 и 22.00 часот; 30 септември (четврток) во 19.30 часот и на втори октомври (сабота) во 19.30 и во 22.00 часот. Влезот е бесплатен, но поради пандемијата со Ковид-19 бројот на гледачи е ограничен на 60 и резервациите на билети може да се на направат на мејл адресата [email protected]
Проектот се реализира со поддршка на Владата, а во рамки на јубилејот 30 години Независност.
По перформансите „Оваа зграда зборува (на)вистина” (добитник на Златна трига на Прашкото Квадриенале) и „Универзална во пламен” авторите Филип Јовановски, Кристина Леловац и Ивана Васева овој пат во соработка со кореографката Викторија Илиоска, реализираат нов перформанс од трилогијата посветена на модернистички згради во Скопје.
„Драга Републико“ е перформанс есеј за објектот на Телекомуникацискиот центар во Скопје, кој е еден од најрепрезентативните модернистички објекти во земјава. Преку повеќемесечен истражувачки процес, перформансот оформи комплексен, интердисциплинарен и поетичен јазик кој се обидува да ги преиспита причините за товарот на денешницата и последиците од микро и макро скриените или видливи фашизми. Во основата е важноста на објектот, од поширока историска, општествено – политичка и уметничка перспектива, кој на симболичко ниво раскажува за постојаното присуство на кочничарите на нештата да го достигнат замислениот развој.
Низ зборовите на самото дело:
„Драга Републико, Духот на Вечниот фашизам секогаш е тука! Еве го дува, како ветрот на гробиштата! Еве го на плоштадот, меѓу толпата мускулести мажи, воини од гипс и железо, по гаќи, со пламен в рака, ене го во тупаниците кои ги удираат различните со крстот високо угоре, ене го зад булдожерите кои врз парковите градат приватни палати, ене го искри во пламените кои ги голтаат нашите шуми, нашите згради, нашите тела. Мораме да бидеме во состојба на постојано внимание за да не биде заборавена неговата тендеција на ирационалност, култ кон традиција и одбивање на било што прогресивно, различно и со тоа несогласливо, кое ја зголемува фрустрацијата и создава безброј идеи за завери и непријатели а со тоа и перманентно војување за да се докаже својата непобитност, својата величина и херојство, мачизмот и народството…“.