Пендаровски: Македонскиот јазик е ноторен факт одамна потврден од светската лингвистичка наука

Од:

Иако поминаа седум и пол децении од стандардизирањето на македонскиот јазик и откако неговото постоење во меѓувреме беше потврдено од светската лингвистичка наука, ние сè уште сме предизвикани да го докажуваме ноторниот факт за неговата засебност, постоење. Интересно е дека негирањето не доаѓа од релевантни и светски лингвистички авторитети и институти кои за тоа прашање се имаат одамна произнесено, туку од одредени, најчесто политички и политичко-академски кругови од нашето непосредно окружување, истакна претседателот Стево Пендаровски на Отворените денови на Институтот „Крсте Мисирков“ со кои годинава се одбележуваат 75 години од кодификацијата на маккедонскиот современ јазик.

Без намера, како што рече, да ја оптоварува свеченоста со дневно-политичка реторика, нагласи дека научните аргументи и вистината се на наша страна.

– Од нив никој разумен не може да се откаже заради нашите предци, поради нас самите, заради обврската да ја сочуваме нашата духовна татковина, како што на времето се изрази за нашиот јазик големиот Блаже Конески. Токму Конески со своите капитални трудови, меѓу кои Граматиката на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик, постави цврсти темели за сите натамошни македонистички проучувања. Почитувани професори и лингвисти, надоврзувајќи се на неговото дело и почитувајќи ги тие длабоко ископани темели ве замолувам со уште поголема страст да продолжите со вашата научна работа и напори за проучување и афирмирање на македонскиот јазик, истакна претседателот на државата во обраќањето на петтите Отворени денови на Институтот, годинава посветени на два значајни настана – озаконувањето на азбуката на 5 мај 1945 и објавувањето на првиот буквар на македонски јазик на 7 јуни истата година, што е и годишнина на правописот.

Во оваа пригода шефот на државата, како што рече, гласно ја реафирмира потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања за македонскиот јазик и за македонските дијалекти, а за таа цел, сите релевантни институции и фактори во државата мора да се вложат себеси многу повеќе од порано.

Посочи дека со кратењата во буџетот поради пандемијата, годинава има алармантно намалување на финансиите предвидени за научни и образовни установи, со што се оневозможува научната работа и се стопираат научните проекти. Јавно повика да се посвети особено внимание на овие прашања и покрај сериозната економска криза да се изнајдат средства и да се поддржат сите научноистражувачки проекти. Затоа што убеден е, рече, дека македонската наука има уште многу што да каже, како и бројните слависти и македонисти низ светот.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски истакна дека наставата на македонски јазик почнала токму на УКИМ, а Институтот за македонски јазик како негова придружна членка е прва научна инстутуција во која се проучува македонскиот јазик на современ, историски, дијалектен и ономастички план и кој ја создаде еминентната македонска лексикографска школа со богата издавачка дејност.

-Во услови на светска пандемија, Институтот за еден месец, од септември до сега, организираше три меѓународни научни конференции, секако утрешната е најголема и имајќи ги предвод успехот на досегашните, очекувам високи резултати и од претстојната „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (дома и надвор)“, рече Јанкуловски.

Директорката на Институтот Елена Јованова-Грујовска во поздравното обраќање истакна дека речиси немаат вработен кој нема најмалку еден научен труд, монографија, статија или учество на научни конференции и дека преку сите тие дела ја испраќаат пораката дека стандардниот македонски јазик постои, има свој историкси развој, сегашност и зацртан развој во рамките на словенските, балканските и индоевропските јазици.

Во однос на написи во медиумите и пласирањето ставови за, како што рече, дневно-политички јазични прашања, смета дека е тоа нормално во едно демократско општество.

-Спротивтавените ставови водат до напредок. Независно од сè, Институтот за македонски јазик е демократска научна и високообразовна институција во која научната и образовната дејност стануваат приоритет, рече Јованова-Грујовска.

Петтите Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ продолжуваат до 22 октомври, поради пандемијата годинава со намален број учесници и гости. Во рамки на манифестацијата е и дводневната меѓународна научна конференција (утре и задутре) насловена „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (дома и надвор)“.

Би можело да ве интересира

Маричиќ: Македонскиот јазик е засекогаш вграден во мозаикот на европските јазици, а ние никогаш нема да се откажеме од нашата европска иднина

A1on

Донесен Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот стар 25 години

Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

Мојсова-Чепишевска: Уште утре треба да почне новото поглавје на развојот на македонистиката во Риека

Ана Ололовска

Институции и културно-историски знаменитости вечерва ќе бидат обоени во чест на македонскиот јазик

Ана Ололовска

Чествување на македонскиот јазик во УКИМ, доделени признанија за придонес за афирмација на македонистиката