Општина Пехчево е организатор на првиот фестивал за прекуграничен фестивалски туризам.
Според градоначалникот Драган Тренчовски, фестивалот ќе се одржи на 11 октомври, а е дел од проектот „Платформа за прекуграничен фестивалски туризам на полето на културата и традициите“.
– Целта е да се подобри постоечката рурална туристичка понуда за одржлив развој на прекуграничниот регион, преку соработка во областа на фестивалскиот туризам. Иако Пехчево веќе го има Фестивалот на дувачки оркестри кој е единствен од ваков тип во земјава, сметавме дека има потреба да се организира и овој прекуграничен фестивал кој исклучиво ќе биде наменет за претставување на фолклорот и традицијата од двете страни на границата, рече Тренчовски.
Ќе настапат културно уметнички друштва, солисти и групи од Малешевско-пијанечкиот регион и од Република Бугарија, а специјални гости ќе бидат групата Purple Zeppelin и Венко Серафимовски кои ќе одржат целовечерен концерт.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Св. Апостол Павле“ во центарот на Пехчево.