Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Пирава и Чалакли

Од:

Патувачкото кино на „МакеДокс“ веќе успеа да собере повеќе приказни низ валандовскиот регион. Почетокот на патешествијата на ’неуморното магаренце натоварено со филмови‘ се случи во селата Пирава, на 11 јули, и Чалакли, на 12 јули, соопштуваат од МакеДокс.

-Жителите на селото Пирава со гордост ја раскажуваат приказната дека на тоа место активно се живее повеќе од два милениуми, додека пак приказната за името на селото ја кажуваат како анегдота. Уште во време на Османлиската империја некој турски големец забележал дека на тоа место постојано пирка авата, односно постојано пирка свеж воздух, и оттаму – Пирава. Жителите на селото, кои во денешно време ги има околу 1850, во наследство ги добиле и приказните за турскиот султан Мурат Први, кој оттаму поминал кон Газиместан на историската Косовска битка, неколку археолошки локалитети, како Чарго и Карталово седело, и многу брестови дрвја стари неколку векови.
Низ разговор со Илчо Танчев од локалната самоуправа во Пирава ги дознавме и приказните за големиот земјотрес во 1931 година, миграциите и познатите семејства, меѓу кои се Бајлозови, Димови, Бузлиеви, Чурлинови и други, најголем дел отселени во Скопје, некогашното корзо и постојаниот ривалитет со градот Валандово.

Во денешно време во Пирава се создаваат приказните за парохиската црква „Св. Ѓорѓи“, училиштето „Гоце Делчев“, русалиската играорна група, а за жал, приказната за киното „Хром“ престанала да се надградува пред 10-тина години. Со надеж дека можеби ќе даде нов импулс за возобновување на киното, Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Пирава ги прикажа документарните филмови „Живот во движење“ и „Гангстер те сака“.

Сосема поинакви приказни дознавме до селото Чалакли, населено главно со турско население, а сместено на падините на планината Беласица. Според Шефкет Селман, најголем дел од денешните староседелци во селото потекнуваат од 4 стари семејства кои со години опстојуваат во тоа место, но има и доселени семејства од околните села. Во денешно време во Чалакли живеат околу сто семејства од кои произлегле околу 500 жители. Главно се занимаваат со тутунарство и со правење вар, а горди се на неколкуте мајстори за ѕидање фурни. Бидејќи името на селото се поврзува со магарешкиот или црн трн, дознавме дека на нивното наречје тој се вика ’ешек генгери‘, а го има насекаде околу селото. Во Чалакли „МакеДокс“ прикажа три епизоди од серијалот „Турски чај“ на „Петра Пан филм продукција“.
Во продолжение, со три проекции Патувачкото кино ќе биде дел од креативното здружување на „Д-Фестивал“ во Дојран, од 15 до 17 јули 2016 година, кога ќе бидат прикажани филмовите „Ликвидатор“, „Дае“, Ритам и звук“, „Во потрага по Фела“, „Звукокршач“, „Танцувајќи со Марија“.

Седмото издание на Патувачкото кино е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје ќе се одржи од 20 до 26 август 2016 година, во Куршумли-ан и МКЦ, со мото „Сите сме приказна“.

Би можело да ве интересира

Почна фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“

Видеохроникa од патувачкото кино во Преспа

Бесплатна филмска проекција за загревање за 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска

13-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“

„Македокс“ – отворен повик за волонтери

„Македокс“ објави повик за продуценти/автори на документарни филмови за форумот МакеКоПроДокс

Жарко Настоски