Недопрена природна убавина, тесни патчиња и стрмни планински сртови над кои се простира бескрајно ѕвездено небо се секојдневниот амбиент на проекциите на Патувачкото кино на „МакеДокс“ во областа Порече. Поголемиот дел од проекциите веќе е остварен, а во претходните денови екипата на Патувачкото кино имаше средби со едноставни и скромни луѓе со чист планински дух во селата Девич, Црешнево и Локвица.
Дружењето со мештаните во Девич почна уште во пладневните часови. Во трпезаријата на селската црква Свети Ѓорѓија беше подготвен заеднички ручек на мештаните и екипата на Патувачкото кино. Покрај трпезата се отворија и приказните поврзани со селото, неговиот историјат од времето на Марко Крале и неговите четири посестрими, од кои едната се викала Дева. Оттаму името на селото во кое денес живеат 60-тина жители. Тони Стојковски открива дека мештаните отсекогаш имале урбани манири, а кога ергените од Девич ќе се појавеле во Македонски Брод таму велеле: „Еве ги девичките калапи“, бидејќи биле лични и дотерани, спастрени како да се излеани со калап.
Јово Ристески открива дека селото е сместено под ридовите Попец и Лештишта, а високо над хоризонтот се издига планината Песјак. Поранешните фудбалери Лука Стојкоски и Југослав Јакимоски и ден-денес се горди на шампионската титула која пред 30-40 години ја освоило селото Девич во регионалната лига во Порече. Проекцијата на Патувачкото кино ги собра сите жители на сретсело, нешто што не се случило повеќе од 30 години во Девич.
Уште едно село со долга историја, чист и питом планински дух на мештаните е Црешнево. Екипата на „МакеДокс“ имаше неверојатно топол пречек во селото со аплаузи кога беше наместено платното и кога заврши проекцијата. Мештаните веќе знаеја која вечер ќе има проекција и најсрдечно се понудија да помогнат во поставувањето на конструкцијата за платното. Сместено точно на средината помеѓу долното и горното маало, позади платното се простираше прекрасен пејсаж со повеќе слоеви од планински сртови. На североисточната страна, пак, се наѕираше Даутица, оддалеку проекцијата ја гледаше Старецот (стрмна и висока карпа), а високо над него погледот допира до Борополе. Специјално за проекцијата на „МакеДокс“ беа дојдени луѓе од Македонски Брод, а кои се со потекло од Црешнево.
Високо во планината над пештерата Пешна е сместено селото Локвица. Сите патчиња во областа имаат исти карактеристики. Тесни се и стрмни, и се искачуваат до планинска висорамнина под која лежи селото. Таков е и случајот со Локвица, кое е едно од ретките во областа во кое има неколку чешми во средината на селото. Има околу 30 постојани жители, но за проекцијата на Патувачкото кино беа дојдени и луѓе по потекло од Локвица, а кои живеат во Скопје.
Проекцијата се одржа во дворот на селската црква Свети Димитрија. Програмата на Патувачкото кино на проекциите во селата во Порече има три сегменти: видеохроники од претходните години, програма за деца и еден долгометражен документарен филм од фестивалската селекција на „МакеДокс“. На проекцијата во Локвица дојдоа и луѓе од Скопје поради еден несекојдневен настан што се случи по проекцијата на филмовите.
Насловена како Ноќ под ѕвездите на местото наречено Преслап на патот кон селото Локвица се одржа солистички акустичен концерт со органска авторска музика на Бојан Петков – Шамба. Тоа беше уникатна можност погледот да се задлабочи во бескрајното ѕвездено небо, да се бројат метеори и да се ужива во звуците на акустичната музика на Шамба.
Првпат во рамките на Патувачкото кино беше вклучена работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“, на која во Порече присуствуваа 10 млади филмофили на возраст од 15 до 18 години од Скопје, Прилеп и Битола. Во рамките на првата сесија на работилницата, со која раководат Петра Селишкар и Бранд Ферро, а ментори за продукција се Бранко Аврамовски и Горјан Атанасов, младите учесници се запознаа меѓу себе, ги дознаа основите на документарниот филм, погледнаа повеќе креативни документарни филмови, а на пичинг-сесијата беа претставени 10 теми за снимање документарен филм од кои со гласање беа избрани три на кои ќе се работи во следната фаза. При заминувањето на ’докуникулците‘ од Порече, на разделбата со екипата на Патувачкото кино имаше многу емоции, и по некоја солза.
Втората сесија на „Докуникулци“ ќе се случи за време на фестивалот „МакеДокс“ во август, додека завршната сесија со снимање на три кратки документарни филмови ќе биде реализирана наесен во Скопје. Работилницата се реализира со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон.
Поради силно невреме и обилни врнежи од дожд проекцијата во селото Требино, планирана за 20 јули, беше откажана.
До крајот на Патувачкото кино екипата на „МакеДокс“ ќе има проекции на документарни филмови во селото Косово (24 јули) и во селото Манастирец (25 јули), каде во објектот на основното училиште „Свети Климент Охридски“ е сместена екипата на Патувачкото кино. Осмото издание на Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 19 до 25 август 2017 година во Скопје.