„Пат околу светот“ – премиера на Театарот за деца и младинци

Од:

Пораката за етичност и пријателство во свет на кој му треба сериозен ремонт е главна идеја што го поттикнала режисерот Бојан Трифуновски да направи драматизација на познатиот роман на Жил Верн „Пат околу светот за 80 дена“ и да го постави на сцената на Театарот за деца и младинци.

Премиерата е утревечер од 19 часот а во екипата се 13 актери, што е најголем број досега во поделбата на улоги во ТДМ кој има 16 вработени актери. Претставата од 70-ина минути е наменета за деца над 10 години, пред се за ученици во седмо одделение кои оваа книга ја имаат за лектира.

Насловот на претставата е скратен во „Пат околу светот“. Улогите на Филијас Фог и неговиот слуга-придружник Паспарту ќе ги играат Владимир Лазовски и Бојан Кирковски, а во улогата на принцеза ќе биде Татјана Павловска-Кочовска.

Светот не се променил многу од времето кога Верн во своето дело ја критикувал  империјалистичка Англија зашто, како што рече режисерот Трифуновски денеска на прес-конференција, „живееме во ера на самрак на една цивилизација“ и затоа, нагласи тој, е важно во овој театар, каде е првиот допир на публиката со театарот,  да се испрати пораката за подобар свет.

– Денес сме колонизирани од друга сила, а тоа е моќта која не познава идеологија, која не сфаќа дека сите имаме иста биологија. Живееме во време во кое годишниот буџет на една од трите најголеми светски сили за војна е доволен да го спаси светот од глад, секоја година… Бидејќи е така апсурдна ситуацијата, јас решив да напишам еден пат околу светот кој, во суштина, нема некоја голема разлика. Дали си во Индија или си во Кина, секаде луѓето се тажни, секаде има војна, секаде има недостиг на човекови права и секаде нашите херои Филијас Фог и Паспарту со својата етичност, љубов и пријателство се обидуваат  и успеваат да свртат нов лист на тие тажни и од различни работи заболени места, пред се од желба за повеќе пари за моќ, рече Трифуновски кој напишал пет верзии на драматизација на текстот.

„Пат околу светот за 80 дена“ е меѓу најпоставуваните на сцените во светот и има голем број екранизации. Трифуновски рече дека Верн му бил омилен автор поради кој го засакал жанрот научна фантастика.

– Тој е човекот што ме натера хоби во животот да ми биде научна фантастика, а овој роман е најмалку научна фантастика од сите негови, всушност е најфантастичен. Ме привлече фактот што овој роман е најпреработуваното негово дело, само во англиското говорно подрачје драмата е поставувана 720 пати, а според IMBD има 17 филмски верзии на основата на текстот. Предизвик беше да направам наша приказна, за наше патување околу светот, светот погледнат од нашата глувчешка дупка, додаде Трифуновски.

Директорот на ТДМ Драган Довлев очекува и оваа да биде многу посетена и хит-претстава како и претходната („Пипи Долгиот Чорап“) што ја режираше Трифуновски кој, пак, искажа задоволство од соработката и довербата од овој ансамбл, кој го нарече хиперинтелигентна и хиперспособна тетарска трупа.

Сценографијата е на Срѓан Митровиќ и Кирил Василев, костимографијата на Искра Џокиќ, музиката на Џијан Емин.

„Пат околу светот“ ќе биде четврта премиера на Театарот за деца и младинци во 2014 гидина и четврта лектирна претстава што театарот ја поставува на својата сцена, по „Грдото пајче“, „Пипи Долгиот Чорап“ и „Оливер Твист“.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска