Отворена изложбата „Убава е Македонија“ на Новица Трајковски

Од:

Во рамките на манифестацијата „Велес – Град на културата 2015“ синоќа во ликовниот салон во Велес беше отворена самостојна изложба насловена „Убава е Македонија“ на македонскиот академски сликар, Новица Трајковски.

По вторпат со самостојна изложба во Велес, по осум години, ликовниот уметник Новица Трајковски се претстави со циклусот на реалистични слики „Убава е Македонија”, со дваесет слики создадени во последните четири години од неговото творештво. Насликани се во техниките масло на платно и акрил на платно со фигуративна и пејсажна содржина, а се движат од типично пејсажни, до теми од магичното и мистериозното на верскиот симболизам. 

Изложбата ја промовира ликовниот уметник Татјана Медарова, која пред присутните појасни дека Новица Трајковски е сликар на духовни предели.

– Пределите на Трајковски се моменти на восхит, неговото сликарство секогаш се наоѓа на фрекфенцијата на свумато (мистичност на просторот и божественото). Тој не ги истражува сенките, туку неговото сликарство се занимава со светлината, со духовната природа на светлото. Тој ни порачува дека сме создадени од светлина и од ѕвезди, потенцира Медарова.

Уметникот Новица Трајковски за целокупното свое сликарство појасни дека е посветено на божествената љубов и радоста на живеењето.

– Бидејќи Македонија е земјата што е најмногу спомнувана во Библијата и е библиска земја, со многу богата историја, целата таа колективна свест ја носиме ние во нас. Кај некого заспана, кај некого се буди, кај некого разбудена. Мојата среќа е што мојата дарба која ми е дадена од Бога-сликарството и на тој начин можам да се будам и разбудувам. Затоа верувам дека со моето сликарство и со пораките кои го носат ќе разбудат и многу други, потенцира Трајковски.

Изложбата беше збогатена и со вокалната интерпретација на Орхидеја Дукова од Велес, апсолвент во класата на маестро Борис Трајанов.Таа настапи со делот Виолетта „Адио дел пассато“ од операта Травијата од Ѓузепе Верди во пијано придружба на професорот Дарко Мариновски.

Меѓу присутната публика беше маестро Борис Трајанов и министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Изложбата на Трајковски по Велес ќе биде претставена во Неготино и Кратово.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“