Отворена чудесната приказна за македонските банкноти: обележјата на македонските пари изложени во Музејот на НБ

Од:

Златната маска од Горна порта и златните обетки со гулабици од Охридско, мермерното торзо на божицата Изида, тетовската Менада, монетите на Јустин II и многу други артефакти и нивни прикази, од денес и во следните шест месеци, ќе ја раскажуваат приказната за македонските банкноти во новоотворената, времена музејска поставка во Музејот на Народната банка.

На свеченото отворање на изложбата, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска посочи дека нашата државотворна приказна не ќе беше целосна без монетарното осамостојување.

„Парите не се само симбол на нашиот монетарен суверенитет, тие не говорат само за номиналната вредност којашто е испишана на нив, тие говорат за вредностите создавани во минатото, за нашата историја и култура. Уметничкото око и чувството на припадност и гордост на сите кои беа вклучени во процесот на изработка придонесоа нашите банкноти да ги носат на себе убавините од македонската почва. На основната вредност на парите ѝ е додадена зачуваната вредност на културното богатство, значењето на поднебјето и придонесот на нашите предци. Прославувајќи го овогодишниот јубилеј – 30 години од монетарното осамостојување, Народната банка имаше обврска да потсети на овие големи вредности од македонската почва, вредности од минатото коишто ни се пренесени и оставени нам и на идните генерации на чување и негување“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во своето излагање посочи дека книжните пари, коишто денеска се во употреба од 96-тата година, покрај високиот квалитет и бројните заштитни елементи, ги красат симболи од нашето непроценливо културно наследство.

„Од мермерното торзо на божицата Изида, паунот од крстилницата во Стоби, Ангелот од Курбиново, монета од времето на Јустинијан Втори, златната погребна маска од Требеништа, иконата Богородица Епискепсис, дел од фасадата на уникатната Света Софија во Охрид, фасадата на прекрасната Шарена џамија во Тетово и мермерниот под на Исак-беговата џамија во Битола, непроценливите винички теракотни икони, македонската невестинска носија од Прилепско како дел од нашето етнолошко богатство до цветот на македонскиот афион. Ќе сведочат еден ден за нас како што денеска во Народната банка се чуваат монетите од пајонските владетели, македонските кралски династии, до монетите на Отоманската Империја. Зашто парите се исто така сведоштво на историските епохи, но и на уметноста на цивилизациите. Затоа со сето срце го посакувам денот кога македонското културно богатство ќе биде испечатено на еврото“, посочува министерката Костадиновска-Стојчевска.

Академик Абдулменаф Беџети во своето обраќање посочи дека монетарното осамостојување претставува втор највисок и најважен чин на една самостојна држава, како и дека монетарниот систем како најважен економски потсистем е многу специфичен, комплексен и сензитивен не само од аспект на макроекономската стабилност.

„Секоја епоха има свои херои кои оставаат белег и создаваат историја. Во оваа прилика, би сакал да го истакнам и големиот придонес на тогашните носители на високи функции на најрелевантните институции поврзани со чинот на подготовка и реализација на монетарното осамостојување, почнувајќи од премиерот на експертската влада, академик Кљусев, министерот за финансии, Методија Тошевски, гувернерот на НБРМ, Борко Станоевски и особено академик Ксенте Богоев, кој покрај одличните теоретски знаења од областа на монетарните политики и проблеми имаше и одлично искуство како поранешен гувернер на Народната банка на Југославија во периодот од 1977 до 1981 година, како и многу други личности од академската заедница во тоа време (на пример, проф. Трпевски и др.). Денешната изложба, во документарна и архивска граѓа на артефакти во неколку микроцелини посветени на банкнотите, преставува културно-историско наследство со мултикултурна нарација, којашто прилично му одговара на нашето општество“, посочи академик Беџети.

Изложбата ќе биде достапна за посетителите следните шест месеци, секој работен ден од 9 до 15 часот. Влезот е бесплатен.

Би можело да ве интересира

Турскиот музеј прогласен за најдобар во светот

Врв на стрела од бронзеното време направен од материјал кој не е од оваа планета

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Тенкови и хеликоптери „војуваат“ во Црвеното Море, фронтот на дното е покриен со корали

Со изложба одбележан Денот на музеите во Штип

Ана Ололовска

Бесплатен влез во МСУ – Скопје по повод Светскиот ден на културното наследство

Ана Ололовска

Бесплатен влез во музеите и археолошките локалитети

Ана Ололовска