На платото во ТЦ Лептокарија, во Општина Карпош, се отвори 39 – то издание на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал, чиј организатор и домаќин е Ансамблот за народни песни и ора при АКУД “Мирче Ацев”, а еден од покровителите е и Општина Карпош.
Забележителна беше пријатната атмосфера и позитивната енергија кај присутните граѓани, предизвикана од одличните изведби на младите играорци од домашните ансамбли, како и од културно уметничките друштва од Србија, Хрватска, Турција и Кипар.
На почетокот на културниот настан се обрати и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој ги поздрави учесниците и посака успешен фестивал.
– Токму овие настани придонесуваат за размена на искуства и презентација на различните култури. АКУД “Мирче Ацев” потекнува од нашата општина и во континуитет го афирмира македонскиот фолклор: народната носија, инструментите и мелосот.
Локалната самоуправа и во претстојниот период ќе поддржува ваков вид на настани, со што дополнително ќе се збогати културниот живот во Карпош, рече Богоев.
Овој фестивал се организира како резултат на солидарноста која голем број на земји ја покажале при обновата на Град Скопје, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Токму Карпош е пример на Општина која е возобновена од хуманоста на голем број светски метрополи.
Во наредните два дена ќе се одржат и фестивалски вечери во Општина Гази Баба и во Градот Велес, а затворањето на фестивалот ќе се одржи во недела, повторно во Карпош, од 20:30 часот, во Бардовци (во дворот на црквата Св.Троица).
Градоначалникот Богоев посочи дека овој настан претходи и на Карпошово културно лето, кое од 24-ти до 26-ти август се организира на платото на ТЦ Лептокарија.