Со сценско-уметничкиот перформанс „Традицијата оживува“ синоќа на камената сцена на плоштадот „Александрија“ во Прилеп почна фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
Фестивалот пригодно го отвори претседателот на Собранието Илчо Јованов нагасувајќи дека фестивалот веќе 43-та година доследно ја остварува целта да го негува, да го зачувува и да го пренесе на новите генерации богатиот изворен мелос.
– Доказ за тоа е големиот интерес да се учестува на фестивалот. И годинава од 700 заинтересирани имаме околу 350 учесници од сите краишта на Македонија, и тоа на возраст од 5 до 85 години. Освен тоа, овие денови во рамките на фестивалот се одржуваше и семинарот за изучување на народните инструменти и песни на кој се пријавија 20 млади ентузијасти, изјави Јованов.
Фестивалот го поздрави градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески кој нагласи дека локалната самоуправа секогаш ќе го поддржува овој единствен од ваков вид фестивал кој ја негува македонската изворна традиција.
– Заедно со Општина Долнени максимално остануваме на заложбите фестивалот да ги продолжи фолклорните традиции, рече Ристески.
Љубителите на изворниот мелос синоќа го видоа сценско-уметничкиот перформанс „Традицијата оживува“. Според младиот автор Бојан Петковски, прикажани се носиите, но и обичаите од полошкиот регион.
– Уметничкиот перформанс претстави ревија на женски носии од полошкиот регион од крајог на 19-от и почетокот на 20-от век, а преку песните и обичаите ја прикажавме статусната улога на жената од овој крај. Најмногу од обичаите се задржани во планинските, поизолирани села и во секој случај го пренесуваат богатиот изворен фолклор од полошкиот регион, рече Петковски.
Вечерва и утре претпладне,се натпреварувачките денови на Рудина кај Долнени каде околу 350 учесници, изведувачи на народни инструменти и песни, ќе го претстават изворниот мелос од својот крај. Воедно, пригодно ќе биде отворен и новиот амфитеатар на Рудина кој по 42 години обезбедува подобри услови за фестивалот.