Операта „Турандот“ премиерно во Македонската опера и балет

Од:

Македонската опера и балет вечер  премиерно ќе ја изведе операта во три чина „Турандот“ од Џакомо Пучини. Таа е една од најпопуларните опери на италијанскиот композитор која МОБ ја обновува по 14 години од првата изведба во Македонија, со нова авторска и солистичка екипа.

Режисер, сценограф и костимограф на операта е Италијанецот Џанкарло дел Монако, диригент е неговиот сонародник Џанлука Мартиненги, а насловната улога ќе ја игра сопранистката од Холандија Габриеле Мулен.

Директорот на МОБ Игор Дурловски на прес-конференција најави дека обновената „Турандот“ ќе биде спектакл со 200 луѓе на сцена.  – Се надевам дека вакви имиња ќе продолжиме да носиме во МОБ и дека секоја наредна продукција ќе биде како оваа за „Турандот“, истакна Дурловски.

Режисерот Џанкарло дел Монако, син на познатиот тенор Марио дел Монако, е задоволен од процесот на соработка со екипата на МОБ и рече дека идејата за овој проект е од пред три месеци. Поканата да дојде во Скопје ја прифатил од својот пријател Дурловски со кого се познава 15-ина години и од времето на нивната кариера во Германија.

– Иницијалната идеја доаѓа од грчката трагедија и од трагикомедијата. Не е само трагичното сечење глави и смртта која ги води сите низ целиот процес на вљубување, одљубување и доаѓање на престол, туку маскираните учесници кои ќе се појават на сцената, ќе ја раскажат и веселата страна на животот – дека не е се така црно, рече Дел Монако за концептот на претставата.

Диригентот Мартиненги истакна дека е голем предизвик поставувањето на Пучини, особено на „Турандот“, неговото последно дело. Повеќепати соработувал со Оркестарот на МОБ и е задоволен, но овојпат ќе се обиде, како што рече, да го извлече италијанскиот звук.

Габриеле Мулен, која ќе ја толкува насловната улога, рече дека е првпат во Скопје и е одушевена од големата сцена на МОБ.

– Претставата бара силен глас и многу добра техника, но одговорноста не е само на тој што го игра насловниот лик, туку на сите солисти кои се појавуваат на сцената, рече холандската сопранистка.

Во  новата продукција на „Турандот“ ќе настапат и: Кристијан Бенедикт од Литванија во улогата на Калаф, Валерија Сепе од Италија ќе настапи како Лиу. Ликот на Тимур ќе го толкува Игор Дурловски, а Пинг, Панг и Понг ќе бидат Кристијан Антовски, Дарко Нешовски и Дејан Стоев.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Италијанското оперско пеење доби статус на културно наследство на УНЕСКО

Предраг Петровиќ

Концерт „Легендите живеат вечно“ во Македонска Филхармонија

Предраг Петровиќ

Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини во Национална опера и балет

Предраг Петровиќ

Успешен настап на Националната опера и балет во Народниот театар во Белград со „Севилскиот берберин“

Ана Ололовска

Традиционален Гала оперски концерт по повод празникот „Василица“ 2023

Ана Ололовска

„Палјачи“ од Руџеро Леонкавало во Национална опера и балет