Британско-словенечкиот тандем Еван Паркер и Златко Каучич и Британците Гет д’ Блесинг утре вечер ќе го отворат 32. Скопски џез фестивал.
,,Првите два дена ќе се одржат во салонот на Македонската опера и балет. Првата вечер е посветена на британскиот џез и е поврзана со 20-годишнината од македонско-британското пријателство. За таа цел ,првпат доаѓа еден од најистакнатите современи џезери во светот, саксофонистот Еван Паркер, кој ќе настапи со словенечкиот интернационалец Златко Каучич. Втората група е Гет д’ Блесинг, која последните години беше неколку пати прогласувана за најдобра во Англија и и припаѓа на помладата англиска генерација,, -изјави директорот на фестивалот Оливер Белопета.
На втората фестивалска вечер ќе настапи дуетот Сидсел Ендресен и Стиан Вестерхаус од Норвешка, а потоа и американскиот квартет Аберкромби.
Во сабота ќе биде балканската премиера на проектот „Балкан фивер“ со Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов кои ќе настапат со Македонската филхармонија под водство на австрискиот диригент Кристијан Јарви, а в недела ќе гостуваат џез-иконата Роско Мичел со своето трио и легендарната џез-пејачка Касандра Вилсон со бендот Хариет Тубман.
На последната вечер публиката ќе го слушне парискиот трубач со либанско потекло Ибрахим Малуф, кој доаѓа со осумчлена група и ќе го претстави својот проект „Илузија“, а по него ќе настапи Англичанецот Дејв Холанд, еден од најдобрите басисти во историјата на џезот.