“Обесена на врат”-книга со еротски афоризми од Ленче Стоименова

Од:

Речиси 400 афоризми за женско-машките односи содржи книгата „Обесена на врат“ на афористичарката од Кочани Ленче Стоименова, која е и поет, писател, карикатурист и илустратор на корици. На промоцијата на изданието денеска во Скопје таа рече дека сите се на една тема – нејзиниот сопруг. Вели ретко нашите афористичари пишуваат за односот меѓу жените и мажите, а дека досега не наишла на книга само за еден човек и еден брак.

-Да речеме, ова е прва таква книга. Ситуациите што ги тематизираат овие близу 400 афоризми се најразлични – почнувајќи од појадок, ручек, вечера, ден, ноќ, спална, двор… „Обесена на врат“ го отсликува секојдневниот живот со мојот сопруг за чиј „сигурен“ врат среќно и весело сум „обесена“ скоро 37 години. Ние така и функционираме, нашиот разговор е секогаш низ афоризми. Сопругот се навикна и не прави проблем. Токму затоа и постои оваа книга, изјави Стоименова.

Претходно ги има објавено и збирките афоризми „Жегла“, „Буба лази“, како и стихозбирката за возрасни „Врзани до последен здив“. Има објавено и стихозбирка и приказни за деца („На Велигден“ и „Зборови се редат, приказни се предат“), како и романите „Ледена кока кола“ и „Покажи ми ја среќата“.

Стоименова смета дека во последните години афоризмот одново се чита по неколкугодишната замреност. Тоа е, вели таа, благодарение на најголемиот ентузијаст и, како што го нарече „сатиричната екселленција Миле Ѓорѓијоски“.

Покрај Васил Толевски, Ѓорѓијоски е еден од рецензентите на нејзината нова книга и ја претстави денеска на промоцијата. Овој меѓународно наградуван сатиричар смета дека книги со еротски афоризми се многу ретки и, како што вели, на Балканот нема повеќе од десет. Тој е приредувач на антологијата на еротски афоризам „На врвот на вулканот“ и на првата илустрирана антологија на еротски афоризми „Будење на петелот“ – каде што меѓу 180 европски автори е застапена и Стоименова.

Таа посочи дека со одржувањето на Фестивалот за еротски афоризми и карикатури во Струмица се создала погодна почва за развој на овој вид афоризми во земјава и дека од десетината книги на оваа тема објавени на Балканот, половината се од македонски автори.

-Драго ми е што и Ленче влегува во ова „одбрано друштво“ на сатиричари и афористичари кои ги третираат машко-женските односи. Таа е долго време во сатирата. На почетокот соработуваше со „Остен“, а како карикатурист учествувала и на доста конкурси за карикатури. Ленче подготвува уште една книга афоризми и драго ми е што се задржува на еротиката како тема, додаде Ѓорѓијоски за МИА.

Со згаснувањето на дневните весници, се стесни и просторот за изразување на македонските афористичари и карикатуристите. Ѓорѓијоски, кој долго време и сè до последниот број на „Утрински весник“ објавуваше утрински афоризми во викенд-изданието, со жалење констатира дека тоа бил единствениот наш дневен весник отворен за сатирата. Сега ги уредува страниците за сатира на единственото списание за хумор и сатира во државава -„Без навреда“ кое излегува во Битола. Под покровителство на најстариот фестивал за сатира -„Ин Виница веритас“ во Виница, пак, се одржуваат и едукативни часови за сатира и карикатура. Фестивалот има и плодна издавачка дејност, меѓу кои последното издание „Трагачи на парадокси“ имаше доста позитивни одгласи во соседните земји.

-За жал, минато е она златно време на македонската сатира и хумор, кога беше култната емисија „Хихирику“ и „Остен“ – почитуваниот магазин за хумор не само во Македонија, туку и на Балканот. Не се сеќавам кога кај нас се појавил некој помлад сатиричар, помлад афористичар. Најмладиот карикатурист има околу 50 години, а истото важи и за сатирата. Единствен вентил ни е соседна Србија и Босна, каде има доста портали и дневни весници, вели Ѓорѓијоски кој, како и Васил Толевски, е член на Друштвото на писатели на Србија и на Белградскиот афористички клуб.

Покрај на соседните пазари, афористичарите и сатиричарите своите концизни литературни творби ги објавуваат и на Фејсбук. А за сатирата како жанр секогаш има непресушна инспирација во секојдневието, особено во политиката.

-Толку смешни работи се случуваат на нашата политичка сцена, што ние афористичарите некако доаѓаме како плагијатори на сè она што го прават политичарите. Многупати сум напомнувал дека општество без хумор и сатира е болно општество и на тоа општество му нема лек. Хуморот и сатирата, колку и да е таа болна, се единствениот лек. И онаму каде што нив ги нема, сигурен сум дека нема ни живот, заклучува Ѓорѓијоски.

Би можело да ве интересира

Вечер на македонскиот афоризам по деветти пат во Кочани

Ана Ололовска

Вечер на афоризми на „Струмица опен фестивал“

Ана Ололовска

Ново џебно издание на афоризми од Миле Ѓорѓијоски

Ана Ололовска

„Вечер на македонскиот афоризам“ во Кочани

Наум Локоски

Васил Толевски од Скопје победник на конкурсот за афоризам во Кочани

Ана Ололовска

Афоризми од Ленче Стоименова во српското издание „Жена и афоризам“

Ана Ололовска