Нова постановка на „Еригон“ од Плевнеш во режија на Јани Бојаџи

Од:

Драмски театар-Скопје в четврток премиерно ќе ја изведе претставата „Еригон“ од Јордан Плевнеш во режија на Јани Бојаџи, праизведена во 1982 година во режија на Љубиша Геогриевски.

Уметничкиот директор на ДТС Рубенс Муратовски на прес-конференција рече дека е храброст да се обнови претстава која била култна како што „Еригон“ била пред 33 години кога ги освоила наградите на најголемите фестивали во регионот, на Стериино позорје во Нови Сад, МЕСС во Сараево и на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

– Во 1982 Плевнеш и Георгиевски се прашале дали и колку е естетски чин да се биде Македонец. Тоа се прашуваат генерации потоа, рече Муратовски.

Режисерот Бојаџи истакна дека „Еригон“ му била една од детските мечти, а кога пред 14 години почнал да се занимава со театар му била една од трите сценски предизвици, покрај „Тетовирани души“ и „Вејка на ветрот“.

– Жал ми е што не се променио ништо за овие 40 години. Тогаш ова било направено со огромна страст и со една единствена намера нешто да се промени, и по толку време не се променило ништо. Јас сум прва генерација Македонец роден во Републиката и исклучително ми е непријатно чувството кога треба да го живеам животот на мојот дедо. За жал, тоа е вистината. Четириесет години подоцна се зафативме да се обидеме да допреме до тоа што Плевнеш, Георгиевски, Петар Темелковски, Мето Јовановски… го отвориле тогаш, рече Бојаџи.

За да го постави повторно текстот на Плевнеш  бил воден од идејата за општествена одговорност на театарот и од идејата на Љубиша Георгиевски во книгата  „Антологија на театарот“ дека „театарот е јавен чин, а со тоа и политички пар екселанс“.

– Ако сакаме како уметници да бидеме општествено одговорни и да си го оправдаме скапиот леб кој овој народ во овие исклучително сериозни времиња го одвојува за нас, за ние да правиме театар, тогаш јас лично и моите соработници не сакавме да се занимаваме со личните фрустрации и со сопствениот ескапизам. За жал, реалната култура и уметност во Македонија во последните 15 години е претворена во лечилиште за личните фрустрации на авторите. Се обидовме да бидеме јасни, точни, едноставни и прецизни, да се занимаваме со проблеми кои зборуваат за овој народ, за оваа земја, не со претензии дека ќе ги решиме, туку со идеја дека 40 години по праизведбата повторно ќе ги преотвориме, додаде Бојаџи.

Насловната улога овојпат ја игра актерот Игор Стојчевски кој во претходната постановка на „Еригон“, во 1999 година, бил статист додека бил студент во класата на Владе Цветановски кој тогаш ја режирал оваа претстава. – Исклучително тешка материја, горлива тема и горчливи прашања кои ги поставуваме, рече Стојчевски.

Во актерската екипа се и актери на ДТС и студенти на Универзитетот ЕСРА: Роберт Вељановски, Гордана Ендровска, Кристијан Светиев, Христијан Поп Симонов, Миа Кантарџиева, Марина Поп Панкова, Соња Стамболџиоска, Дритон Вејсели, Ирена Илиевска, Александар Степанулески, Анастас Тановски, Благица Димитровска, Александра Павлова, Ѓорѓи Тодоровски (кој играл и во праизведбата во 1982), Едмонд Сотир, како и Петар Темелковски и Милица Стојанова кои се појавуваат на видео. Сценограф на претставата е Владо Ѓоревски, костимограф Невенка Тасева-Петровиќ, музиката е на Горан Трајковски.

„Еригон“ е петта премиера на Драмски во 2015 година и со неа на 24 септември театарот ќе ја почне новата сезона. До летниот одмор во ДТС беа изведени премиерите: „Љубовници“, „Чолак“, „Безљубни“ и монодрамата „Јане Сандански – 100 години потоа“. До крајот на годинава се очекуваат уште две премиери – „Библијата“ во режија на Срѓан Јаниќиевиќ – наменета за деца и родители, чија премиера е закажана за 8 декември, и уште една премиера која директорот не ја откри и можеби ќе се реализира во јануари 2016 година.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска