Со изработка на мурал на фасадата на хотелот „Скопје” спроти Меморијален музеј „11 Октомври 1941“ во центарот на Прилеп, продолжува програмата на јубилејното 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности.
Муралот е насловен „Напред, без да се заборави”, а автор е Ристо Аврамовски во соработка со Владимир Милиќ, Филип Јовановски и Ненад Тонкин.
Во продукција е на Факултет за работи што не се учат, во соработка со Центарот за современи ликовни уметности и Јавен Простор – Прилеп.
-Овој мурал во една комплексна визуелна композиција, користејќи различни симболи важни за градот, зборува за историјата на градот Прилеп од почетокот на револуцијата на 11-ти октомври 1941 година па се до денес. Муралот има за цел одново да повика на вредностите на солидарноста и антифашизмот, да го нагласи значењето на Прилеп како град херој, град од каде почнала антифашистичката борба, вредност која треба да не води напред во иднината, но исто така вредност која не треба да се заборави или избрише од нашата општествена меморија, се наведува во соопштението на АКТО Фестивалот.
Како што посочуваат, овој мурал е дел од серијата на мурали кои досега се изработија во уште пет други градови во земјава и тоа во Велес, Кочани, Битола, Скопје-Ченто, Гевгелија.
Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор – Прилеп; Народен Театар Битола; Дом на Култура Ченто; Општина Гази баба; Општина Велес, Општина Кавадарци, Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.
Претходните пет мурали, како што посочуваат од АКТО Фестивалот, беа изведени на јавни институции, јавни простори, центри за култура со цел да се истакне солидарноста и соработката со јавните институции од културата и да се прати порака за заедништво во секоја локална средина поединечно.