Женскиот младински хор на Младинскиот културен центар, под диригентската палка на Сашо Татарчевски освои високи втори места на петтиот Меѓународен хорски натпревар „CRACOVIA CANTANS“ што се одржа во Краков, Полска.
Нашиот хор се натпреваруваше во две категории, B2–женски хорови и F–фолклорна и популарна музика, и ги освои високите втори места. На овој натпревар се доделуваат само по една прва, втора и трета награда во категорија, без разлика колку хорови настапуваат.
– Овие награди се уште едно големо признание за вложениот труд на маестро Татарчевски и членовите на хорот, како и за македонската хорска култура и традиција во целина. Континуираните меѓународни успеси не остануваат незабележани бидејќи веќе се добиени покани за учество на нови престижни хорски фестивали, информира Младинскиот културен центар.
Во натпреварувачкиот дел од фестивалот настапија избрани хорови од многу европски држави, Италија, Шведска, Данска, Норвешка, Латвија, Естонија, Германија, Русија, Украина, Србија, Словенија, Израел, Чешка, Полска.
Хорот одржа два целовечерни концерти во најпознатите концертни катедрали во Краков, пред многубројна публика, со извонредни реакции и критики.