Карикатуристот Мојмир Михатов од Хрватска ја доби Гран-при наградата на 51. Светска галерија на карикатури – Скопје 2019, соопшти галеријата „Остен“. Првата награда му е доделена на Шахрох Хејдари од Франција, а втората на Лук Дешимакер од Белгија.
Доделени се пет трети награди – Хуле Ханушиќ од Австрија, Константин Казанчев од Украина, Милета Милорадовиќ од Србија, Шаман Тораби од Иран и Фуркат Усманов од Узбекистан.
Јордан Поп-Илиев ја доби наградата „Цицо“ за македонски карикатурист, а посебни награди добиваат: Олег Драгачов од Канада, Ратко Маричиќ од Хрватска, Петар Нивендијк од Холандија
Анатолиј Станкулов од Бугарија и Павел Станчик од Полска.
„Остен“ соопшти дека на 51. Светска галерија на карикатури – Скопје 2019 се пријавиле 231 карикатурист од 58 земји со 635 карикатури.
За изборот бил задолжен селекторот Мице Јанкуловски и интернационалното жири: Дарко Дрљевиќ од Црна Гора, Норберт Иперзил од Белгија, Саед Садеги од Иран и Владимир Боројевиќ и Корнелија Конеска од Северна Македонија.
Селекторот најпрво избрал 115 карикатуристи чии дела ќе бидат претставени во каталогот и од кои интернационалното жири избрало 45 финалисти, а потоа се избрани карикатуристите за награди.
Изложбата на делата од селектираните автори и доделувањето на наградите на 51. Светска галерија на карикатури – Скопје 2019 и на следната 52. Светска галерија на карикатури – Скопје 2020 ќе се одржи во септември 2020 година, на централна прослава по повод 75 години „Остен“ (1945 – 2020).