На последниот фестивалски ден од Скопскиот џез фестивал денеска ќе бидат промовирани две нови изданија на дискографската етикета на фестивалот – SJF Records и ќе биде доделена наградата за најдобар македонски млад џез музичар.
Како што информираат организаторите, дел од новиот албум на македонскиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов и неговиот многуброен ансамбл, ќе биде претставен од 16 часот во живо, додека, албумот „A Wave Returns to the Ocean” на Svetlost + Odron Ritual Orchestra e, всушност, лајв документ од нивниот концерт, одржан и снимен минатата година.
Покрај промоцијата на новите ЦД-изданија на SJF Records, во 17 часот, во Кино Фросина, ќе биде доделена и наградата за најдобар млад македонски џез музичар, која оваа година заминува во рацете на скопскиот гитарист, композитор и импровизатор, Филип Букршлиев, чие име се наоѓа на повеќе од 20 долгосвиречки изданија.
Доделувањето на наградата ќе биде проследено со настап во живо на квартетот на Букршлиев.