Со настап на Дејвид Торн и Фред Фрит почна Скопскиот џез фестивал

Од:

Двајца култни гитаристи од САД – Дејвид Торн и Фред Фрит со неговото трио во Националната опера и балет (НОБ) го отворија вчера Скопски џез фестивал, кој ќе трае до недела.

Дејвид Торн е композитор, текстуралист, гитарист, импровизатор, филмски композитор и продуцент со извонредна светска репутација, познат по својот уникатен музички израз што опфаќа и воедно проблематизира низа идиоми и стилови. Неговиот карактеристичен и композиторски текстурален опус изврши сериозно влијание како врз филмската музика така и врз современата електрична, електро-акустична и електронска музика. Креативниот придонес на Торн ги збогати и облагороди делата на голем број познати музички уметници, како Дејвид Боуви, Лори Андерсон, Тим Берн, Мадона, Тори Амос, Руичи Сакамото, Мик Карн, Дејвид Силвијан, Јан Гарбарек и Еберхарт Вебер, Стив Роуч, Марк Ишам, Џеф Бек и Дон Чери.

Покрај овие ангажмани, Торн првенствено се докажа како еден од најживописните и најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во последните 40 години. Користејќи комплексен систем на сложени лупови и ефекти, тој гради звучни визии што асоцираат на отворени рамнини и шилести кањони, на поларни светлини и сиви мугри. Создавајќи волшебни, вонземски пејзажи и пасторални предели, преполни градски авении и океански длабочини, Торн доловува посебна атмосфера како што тоа им успева само на неколку современи музички визионери.

Списанието Jazzwise го опиша неговото соло издание „Only Sky” (2015, ECM) како „вибрирачки колаж полн со треперливи звучни форми, мрачен, урбан електронски звучен пејсаж – моќна мешавина на џез, слободен рок и технологија којашто е едновремено комплицирана и благодарна“.

Настап вчера има и Фред Фрит, англиски гитарист, композитор, иноватор. Тој е активен на авангардната музичка сцена од ’60-те години на минатиот век. Три децении ја водеше легендарната група Henry Cow. Во доцните седумдесетти се сели во Америка и почнува да соработува со познати њујоршки експериментални музичари. По издавањето на влијателниот албум “Guitar Solos” во 1974 година, Фрит обезбедува извонредно значајно место на светската импровизаторска сцена, не само како признат соло изведувач, туку и во друштво на музичари како Бил Ласвел, Брајан Ино, Дерек Бејли, Хан Бенинк, Крис Катлер, Лол Коксхил, Роберт Вајат, Том Кора, Зина Паркинс, The Residents, Икуе Мори, Мајк Патон, Џон Зорн (во групата Naked City) и други.

Неуморно работеше со поголем број состави, како Skeleton Crew, Massacre, Keep the Dog, Art Bears, Guitar Quartet, Eye to Ear и Cosa Brava, а компонираше музика и за ROVA, Ensemble Modern и Arditti Quartet.

Неговото име се среќава на повеќе од 400 дискографски изданија. Од неодамна настапува со своето Fred Frith Trio, во кое членуваат две исклучително талентирани музички фигури од Сан Франциско: басистот Џејсон Хупс и тапанарот Џордан Глен. Триото има издадено два албума за Intakt Records: “Another Fucking Day in Paradise” (2016) и “Closer to the Ground” (2018). Критиката ги опиша како „тројца екстравагантно креативни музичари кои создаваат музика каква што досега никогаш не сме слушнале“.

Директорот на фестивалот Оливер Белопета на прес-конференцијата на која го најави овогодишниот Џез Фестивал истакна дека од деветте групи или изведувачки имиња на главната програма, шест се практично заштитен знак на ЕСМ, иако бројот на изведувачите кои својата музика ја ставаат на етикетата на ЕСМ е навистина огромен и импресивен. Останатите три групи исто така се конципирани да бидат во стилот на некој начин на карактеристиките, отвореноста, авангардноста на ЕСМ.

Втората вечер носи еден ориентален призвук и една ориентална магија најнапред со еден извонреден квартет од Грција, кој го води Сократис Синопулос, кој го свири инструментот типичен особено за јужните делови од Грција – лира. По него еден човек кој првпат гостува, најголемиот мајстор на онаа арапска лејта која се вика ут, Ануар Браем кој овде доаѓа со квартет.

В сабота ќе настапи клавијатуристот, композитор, аранжер и перкусионист од Норвешка, Јон Балке со својот оригинален проект „Batagraf“ во есклузивно издание, како и легендарните Арт Ансамбл. В недела два концерта првпат во Скопје ќе одржи еден од најмелодичните, најлирични и најпоетски расположени пијанисти во светот, Норвежанецот Торд Густавсен.

Фестивалот практично ќе заврши в недела вечерта со концертот на едно од најблескавите имиња на саксофонот од новата американска генерација Џејмс Брендон Луис. Кон програмата в недела ќе се приклучи и контрабас рециталот на француската басистка, импровизаторка и композиторка Жоел Леандре, една од најдоминантните фигури на современата европска музика.

Програмата на фестивалот годинава опфаќа и диџеј сет на италијанскиот иновативен џез ентузијаст Никола Конте, концерти на домашните ECM вљубеници „Next To Silence“ и еклектичниот „магичен оркестар“ на Џијан Емин, филмска проекција на документарниот филм посветен на ECM „Sounds and Silence: Travels with Manfred Eicher”, промоција и презентација на книгата „Cloud Arrangers” на словенечкиот фотограф Жига Коритник, како и доделување на наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2019 година, соопшти управата на Скопски џез-фестивал.

Би можело да ве интересира

Во Битола вечерен Новогодишен џез концерт „Приказна за еден град“

Ана Ололовска

Квартет тромбони со концерт во Софија – „Класиката го среќава џезот“

Ана Ололовска

RADIOHEADJAZZ донесе виртуозност и уникатност!

Ана Ололовска

Концерт „RADIOHEADJAZZ!“ на Биг-Бендот на Здружението на џез-музичари

Ана Ололовска

Концерт на „Проект Жлуст“ по пауза од десет години

Ана Ололовска

Андреа Мирческа ја доби наградата „Златен орикс“ за млад џез-музичар

Ана Ололовска