На 15 март 2019, со почеток во 20 часот, во Македонската опера и балет ќе биде изведена „Риголето“, едно од најголемите и најсилни оперски ремек-дела на таткото на операта, великанот Џузепе Верди.
„Риголето“ на Џузепе Верди е драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста…
Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и (“La Donna è mobile”), и на воопшто, убавата мелодиска структура.
Диригент е Бисера Чадловска, режисер – Нина Најденова од Бугарија, сценограф – Живојин Трајановиќ, костимограф – Марија Пупучевска, кореографи Саша Евтимова и Киро Павлов.
Настапуваат: Ристе Велков, Наде Талевска, Зоран Сотиров, Александар Стефаноски, Ирена Кавкалевска, Ернес Ибраимовски, Диме Петров, Катерина Стојановска, Драган Ампов, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Десанка Глигоријевиќ, Димитар Кожухаров.