МОБ со премиери, концерти, гостувања, „Боеми“ на Мајските оперски вечери

Од:

Мајски оперски вечери на едно повисоко ниво, балетски премиери, изведба на традиционална музика од државите кои имаат амбасади во Македонија, програма „Ноќ со“, музика и едукација за ученици од основните училишта, обнова на национални дела, гостувања, хорски концерти и настапи на балетски уметници низ градовите, најави денеска на прес-конференција новиот в.д.директор на Македонската опера и балет, Ќазим Асотиќ.

Тој истакна дека 46.Мајски оперски вечери на 9 мај ќе бидат отворени со премиерна изведба на оперската претстава „Боеми“ од Џакомо Пучини. Ќе има и гости од Босанската опера и балет, Народно позориште Сараево кои на 22 мај ќе ја изведат претставата „Змај од Босне“.

– Планираме за Мајските оперски вечери да го испочитуваме големиот автор Пучини и во подготовки сме на оперската претстава „Боеми“, а диригент ќе биде Џанлука Мартиненги од Италија. Гостин за сценографија на „Боеми“ е Флавио Арбети. Се концентрираме на Пучини по повод 160 години од неговото раѓање, посочи Асотиќ.

Нагласи дека на 18 април се подготвува балетската премиера на „Либер танго“, а кореографијата е на познатата Сабрина Боско од Италија и на македонскиот дизајнер Александар Ношпал на музика од Астор Пјацола. Во декември, како што појасни, се планира премиера на балетската претстава „Ана Каренина“ и дека се во преговори со одредени кореографи и костимографи.

– Планираме да правиме хорски концерти во Скопје и низ Републиката, но и надвор од државата. Битно е да се афирмира хорот како самостојна единка. Низ градовите ќе настапуваме и со балетските уметници, рече Асотиќ.

Појасни дека ќе организираат и музички серијали под мотото „Земјите низ песна“, а во рамки на тој проект ќе се обидат да им приредат на љубителите на убавата музика незаборавни вечери со песни од одредена земја. Планирани се вечери со италијанска, германска, руска, мароканска, португалска музика, изведени заедно со врвни уметници од нивните земји.

– Освен „географски“, Македонската опера и балет планира да направи и „Off“ програми, тематски вечери како „Ноќ со…“ на чиј репертоар ќе се најдат преработки од врвни музички поп и рок ѕвезди. Пред Нова година, МОБ ќе биде отворен 24 часа и на секои 15 минути на неколку пунктови ќе настапуваат дуа, триа, квартети, квинтети, а влез за публиката ќе биде бесплатен, рече Асотиќ.

Посочи дека во Пловдив се поканети со балетска претстава, а планираат гостувања во другите држави.

– Ќе одиме низ основните училишта каде на часовите со учениците ќе има 15 минути музика и 30 минути едукација и на тој начин ќе подготвуваме потенцијална публика, истакна Асотиќ.

Додаде дека планираат да направат и обнова на националните дела.

Би можело да ве интересира

Концерт „Легендите живеат вечно“ во Македонска Филхармонија

Предраг Петровиќ

Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини во Национална опера и балет

Предраг Петровиќ

Пријавата за напад стигнала во МНТ, полицијата апелира на смиреност, евакуирани повеќе институции

Ландов

Полицијата го блокираше центарот на Скопје, неофицијално има дојава за бомба

Ландов

Гала оперски концерт и балет „Болеро“ в петок во НОБ

Ана Ололовска

Гала оперски концерт во НОБ

Ана Ололовска