МОБ ќе ја отвори сезоната 2017/2018 на 27 септември

Од:

Првата балетска премиера во сезоната 2017/2018 ќе биде на 18 октомври, а првата премиера на Операта на 31 октомври, најави Македонската опера и балет. Новата сезона МОБ ќе ја отвори на 27 септември со балетот „Клеопатра“ кој, според статистиката на МОБ, на репертоарот минатата сезона била најизведувана и најпосетена претстава со над 8.500 гледачи.

Првата премиера на МОБ наесен е закажана за 18 октомври и ќе биде балетски триптих. Првите два дела од триптихот, „Софа“ и „Некои срца“ се во кореографија на Ицик Галили од Израел на музика од Том Ватс и Филип Глас, а третата претстава е обнова на „Песна над песните“ (Лудница) во кореографија на Сташа Зуровац и на музика на Маријан Нечак.

Првата оперска премиера во новата сезона на МОБ, пак, е најавена за 31 октомври кога ќе бидат изведени претставите едночинки „Кавелерија Рустикана“ на Пиетро Маскањи и „Паљачи“ од Руџеро Лоенкавало.

– До крајот на оваа календарска година на сцената на МОБ ќе бидат изведени балетските претстави „Дон Кихот“, „Дамата со камелии“, „Лебедово езеро“ и „Бурнонвил“, а од оперските претстави публиката ќе може да ги види „Тоска“, „Набуко“, „Травијата“, „Евгениј Онегин“ и „Лилјакот“. За изведбите од тековниот репертоар, МОБ ќе продолжи да кани имиња од светската оперска и балетска сцена, со цел доближување на квалитетот до публиката, соопшти МОБ.

Во 2018 година во план се три оперски премиери – обнова на „Кармен“ од Жорж Бизе, премиера на операта „Шение“ од Умберто Џордано и „Џани Скики“ од Џакомо Пучини.

Премиерно ќе бидат поставени балетите „Божествена комедија“ и „Ромео и Јулија“, а по повод 70 години од своето основање, Балетот на МОБ ќе биде домаќин на голема европска балетска конференција.

МОБ ќе продолжи и да го организира и детскиот викенд со изведба на детски оперски и балетски претстави. МОБ најави и дека ќе ја поддржи алтернативната сцена со цел таа да се развие и да се создадат нови и квалитетни оперски гласови и балетски кореографи.

Македонската опера и балет ја заврши сезоната 2016/2017 минатиот месец со Моцартовиот „Реквием“. Потоа следуваа и гостувања на Балетот во Пловдив, Охрид и во Сплит. Во првото полугодие од 2017 година МОБ ја посетиле повеќе од 25.000 гледачи на 76 претстави.

Би можело да ве интересира

Концерт „Легендите живеат вечно“ во Македонска Филхармонија

Предраг Петровиќ

Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини во Национална опера и балет

Предраг Петровиќ

Пријавата за напад стигнала во МНТ, полицијата апелира на смиреност, евакуирани повеќе институции

Ландов

Полицијата го блокираше центарот на Скопје, неофицијално има дојава за бомба

Ландов

Гала оперски концерт и балет „Болеро“ в петок во НОБ

Ана Ололовска

Гала оперски концерт во НОБ

Ана Ололовска