Мистериозниот електро – поп бенд „Nipplepeople“ со сценски настап во Скопје

Од:

На 8 октомври, сабота, со почеток во 21 часот ќе се одржи 12то издание на ПМГ Рекордингс фестивал со наслов „Градот ме тера да пеам“. Со квалитетна музучка понуда и на два музички подиуми, фестивалот ќе се одржи во Младинскиот културен центар.

На првиот и главен подиум, гости и ѕвезди на фестивалот се Ниплпипл (Nipplepeople) од Загреб, Хрватска, еден од најпопуларните електро – поп бендови во регионот. Мистериозното дуо, кое на сцената настапува маскирано во ретро – футуристички костуми, веќе десетина години егзистира на сцената. Вистински куриозитет е што досега имаат дадено само неколку интервјуа за медиуми, а во едното од нив одговориле само со музички броеви. Преферираат публиката превенствено да ја прими нивната музика и сценски перформанс, наместо да говорат за својата музика, која одлично кокетира и со трип – хопот. Музичките критичари ги дефинираат како „перверзно среќен трип – хоп“, а нивниот сценски настап го споредуваат со оној на светски познатите бендови како The Knife и Goldfrapp. Нивната песна „Фрка“ е апсолутен хит во последниве години. Уникатниот сценски настап е нивно главно обележје, а скопската публика веќе има изградено одлична комуникација со бендот.

„Луфтханса“ е еден од македонските водечки бендови на новата генерација, кој носи свежина, автентичност и неисцрпни количества младешка енергија. Периодов го издаваат нивниот нов албум „Давор“ за ПМГ Рекордингс, а на фестивалот ќе се претстават со целовечерен концерт и тоа за првпат во нивната куса, но возбудлива кариера.

„Хајка“ е бендот на годината. Настапија на сите поважни настани низ земјата и патем ги освоија срцата на публиката. За нив се пишува, се зборува, а на ПМГ Рекордингс фестивалот во МКЦ, освен фуриозна свирка, очекуваме и промоција на нивниот нов видео спот.

Програмата на главната сцена ќе ја надополнат и младите битолчани „Cut Your Nipple“ и феноменалниот скопски електро-етно-џез состав „Кантон6“.

Вториот подиум за танц, под името „PMG Tanz Digital stage“, ќе биде отворен во холот пред киното Фросина и ќе биде целосно посветен на електронската музика. Настап во живо ќе забележи талентираниот кавадарчанец Зоран Веселинов, а со диџеј сетови ќе се претстават некои од најквалитетните имиња кои гравитираат околу ПМГ лејблот: Галатеа, Андреја Салпе и Виолета Качакова.

ПМГ Рекордингс фестивал е годишна смотра на истоимената дискографска куќа, која со повеќе од 200 изданија на современа македонска музика е водечка сила на домашната сцена во последниве децении.

„Градот ме тера да пеам“ е и наслов на компилација, која, како јубилејно 200то издание, наскоро ќе се појави на бенд кемп страната на „ПМГ Рекордингс“ и е достапна за слободен даунлоуд.

https://pmgrecordingsk.bandcamp.com/album/gradot-me-tera-da-peam-pmgr200

Фестивалските врати се отвораат во 20 часот, а програмата ќе се одвива на два подиума до 3 часот по полноќ.

Би можело да ве интересира

МКЦ: Малициозно е да се потценува трудот на шанкерите, понекогаш работат и по 12 часа, служат по 2000 луѓе

Маја Илиевска-Пачемска

„Сите за МКЦ“: Утре протест пред Град Скопје поради смената на директорот и кратењето на буџетот

Ана Ололовска

Претставниците на МКЦ побараа поддршка од Пендаровски за законски и отворен конкурс за директор на Младинскиот културен центар

Ана Ололовска

МКЦ: Директорот Ванчо Богоев беше сменет оти не потпиша вработување за Бени Шаќири

Орце Костов

Ниплпипл, Луфтанза, Хајка, Кантон6 и најпознатите скопски диџеи на фестивалот „Градот ме тера да пеам“

Ана Ололовска

Загревање за Cinedays – Европско патувачко кино под отворено небо

Ана Ололовска