Традиционални „Мариовско-мегленски културни средби“ ќе се одржат денеска во манастирскиот комплекс „Свети Илија“ во Мариово.
Организатор на манифестацијата е здружението „Мариовско мегленски средби“ под покровителство на прилепската локална самоуправа.
Претседателот на Здружението „Мариовско-мегленски средби“, Стојан Ѓуровски истакна дека и годинава ќе има богата културно уметничка програма и средба на некогашните и сегашните жители на Мариово.
-На 33.Мариовско мегленски средби ќе настапат КУД од Битола, Крушево, Кавадарци и Прилеп, Ансамблот на Стевче Стојкоски од Скопје, како и дел од актерите на Прилепскиот театар. Со свои творби ќе настапат и членови од Друштвото на писатели на Македонија. Ќе биде поставена и изложба на народни носии и рачни изработки карактеристични за тој крај. Средбата ќе заврши со традиционален заеднички ручек, рече Ѓуровски.
Од прилепската локална самоуправа нагласија дека овие средби имаат голем придонес кон развојот на руралниот туризам и промовирањето на Мариовскиот регион како вонреден потенцијал со придобивките кои ги нуди чистата животна средина.