Во Општина Новаци денеска почнува тридневна традиционална манифестација „Македонска етно венчавка“.
Македонската етно венчавка ќе биде отворена со традиционалните обичаи и обреди во мариовскиот крај, односно месење тесто-погача, плетење цветни венци, китење на бајракот, торбите и картата за вино, информираат од општина Новаци, организатор и домаќин на културниот настан.
– Годинешен кум на Македонската етно венчавка е градоначалникот Лазар Котевски, во чиј дом попладнево ќе престојуваат свадбарите и ќе му врачат покана за на свадба, а потоа свадбената поворка ќе се упати во домот на деверот Зоран Анѓелевски во село Новаци. Утревечер ќе се одржи традиционалното канење за на свадба на сите жители на селото, а свадбата ќе продолжи во петок претпладне, информираат од општината.
За време на манифестацијата „Македонска етно венчавка“ ќе бидат извршени и други македонски обичаи како што се „забрикување на зетот“, посета на домот на невестата, а потоа точно напладне во петок ќе биде извршено венчавање на младоженците кое е закажано во црквата „Св. Атанасиј“ во општина Новаци.