„Mакедокс“ од 21 до 28 август со 70 документарци од светот и десет од државава
Десет македонски документарни филмови ќе бидат прикажани во рамки на програмата на јубилејното 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што ќе се одржи од 21 до 28 август во Куршумли ан и во Младинскиот културен центар, а проекции на филмови ќе има и во кината „Милениум“ и „Фросина“ во Скопје.
Ова на прес-конференција го истакна Петрула Вељановска, селектор на Фестивалот, која рече дека ќе бидат прикажани „Тетовски самрак“, последниот филм на прерано починатата режисерка Билјана Гарванлиева, документарецот „Манаки-приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски, два кратки кратки документарни филмови „Господата од Современа“ на режисерката Ана Алексовска и студентски документарен филм „Спасение“ во режија на Никола Ивановски, потоа четири нови докуметарци од школата „Докуникулци“, „По патот на клавето“ во режија на Лидија Мојсовска, а круна на програмата на затворањето на Фестивалот ќе биде премиерната проекција за публика на документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска.
На Фестивалот ќе бидат прикажани 70 документарни остварувања на автори од целиот свет, а се очекува да присуствуваат стотина гости.
Селекторот на главната програма на Фестивалот Петра Селишкар рече дека Фестивалот ќе биде отворен со филмовите „Мизерикоридија“ на шпанскиот режисер Хавиер Марадес и „И се стана песна“ на британскиот режисер Шејмус Марфи, по што концерт ќе одржат Џон Периш и Марта Колика со Џорџа Поли како специјална гостинка. Претходно, ќе биде отворена фото изложбата „Временска машина Македокс“.
– Главна тема на Фестивалот, кој ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“ ќе биде копродукцијата, затоа што изминативе години сфативме дека без градење соработка и без менување енергија, идеи и чувства не може да се случи ништо, ниту овој Фестивал. Ќе организираме Форум за копродукција. Земја во фокус е Германија и од таа држава избравме седум долгометражни и еден краткометражен филм. Ќе има и Детска програма во рамки на која во МКЦ од 18 до 19 часот ќе бидат прикажани 11 кратки анимирани филмови и еден анимиран документарен филм, рече Вељановска.
За фестивалските награди „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и „За етички идеи“ ќе одлучуваат пет комисии составени од 15 странски и домашни автори.
Во рамки на Фестивалот ќе се одржи работилница „Идеи преку граници“ во Јана Цисар од 22 до 24 август во Даут Пашин Амам, а мастер-клас насловен „Не следете ги моите правила“. Направете си свои“ на 24 август во Даут Пашин Амам ќе одржи еден од најзначајните европски и светски документаристи Виктор Косаковски. Ќе бидат отворени две фотоизложби во Чифте амам и во Куршумли-ан. Како дел од музичката програма на 26 август концерт ќе одржи Тони Китановски Трио. Годинава, првпат ќе биде доделена парична награда од 2.000 евра за најдобриот студентски филм.
Билетите за Фестивалот може да се набават онлајн на „Купи карти за се“ и на влезот на Куршумли-ан. Фестивалскиот билет кој ги опфаќа сите филмски проекции и настани чини 1.600 денари.