Македокс: 10 познати режисери на работилница “Раскажувачите раскажуваат“

Од:

Програмите на седмото издание на Фестивалот на документарен филм „МакеДокс“ се во полн ек. Се прикажуваат филмови од петте филмски програми, а почнаа и две работилници. Третата, со наслов „Раскажувачите раскажуваат“, која ја води гостинот од Финска Иика Вехкалахти, трае од 22 до 25 август во Чифте амам.

Предавањата на работилницата „Раскажувачите раскажуваат“ се отворени за сите заинтересирани, особено за режисерите и студентите по филмска уметност. Искуството, вредностите, начинот на кој филмовите заведуваат, грешките, изборите и начинот на гледање филмови се т.н. филмски гревови за кои Вехкалахти ќе раскажува заедно со режисерите Магнус Гертен (Шведска), Петра Селишкар (Словенија), Клаудија Тоси (Италија), Дон Едкинс (Јужна Африка), Лена Пасанен (Финска), Стефано Теалди (Италија), Татјана Соболева (Русија) и Андреас Јонсен (Данска).

По премиерата на документарниот филм „Мојот превртен свет“, во режија на Петра Селишкар, првата сесија на разговорите „Под смоква“ се одржа со екипата што го направи филмот. На разговорите, кои ќе се одржуваат секој ден во 18 часот во Куршумли-ан, своите искуства ги пренесоа Петра Селишкар, монтажерите Доријан Миловановиќ и Владимир Гојун и продуцентката Петрула Вељановска. На сесијата присуствуваа и дел од филмските автори-гости на фестивалот „МакеДокс“.

Режисерката Петра Селишкар објасни дека иницијацијата за снимање на филмот ја добила од архивски материјали за словенечкиот актер, режисер, поет, писател и кловн Фране Милчински – Јежек. Станува збор за култна личност во Словенија, но многу малку познат во другите средини, дури и во соседните држави. Тој бил локален херој, но со голема лична приказна која Селишкар сакала да ја раскаже.

Монтажерите Доријан Миловановиќ и Владимир Гојун, кој го направил финалниот рез, објаснија дека ја прифатиле работата на филмот бидејќи им се допаднала целата идеја за правење филм за Јежек. Гојун додаде дека финалната монтажа на филмот ја водел со концепт кој е базиран на карактерот на Јежек.

Селишкар кажа дека иако прво ги открила архивските снимки за Јежек, снимени во социјалните услови кои постоеле во времето на социјалистичката држава Југославија (СФРЈ), сепак, приказната на филмот се плетела откако биле селектирани текстовите на песните од Јежек што ќе влезат во филмот и биле избрани групите кои ќе направат музички обработки на тие песни, а тоа се одвивало во еден вид обратен процес на креација, кој траел речиси осум години.

На разговорите „Под смоква“ се дискутираше и за изборот на темата и приказните за правење документарен филм, влијанието на филмскиот маркет врз филмската продукција и слободата на креативност на авторите со заклучок дека во последно време продукцијата многу зависи од собраните средства за снимање на филмот, а дека недостигаат креативни приказни, бидејќи авторите и продуцентите се плашат да го преземат ризикот од неуспех на одреден филм на филмскиот маркет, доколку филмот сака да избега од конвенционалниот начин на раскажување на приказната.

На вториот ден на „МакеДокс .7“, со премиерата на македонскиот филм „СТУДаНТС“ на Тамара Котевска, беше отворена и програмата „Студентски приказни“, која оваа година има натпреварувачки карактер и во чии рамки се прикажуваат 23 филмови од 26 автори. До крајот на фестивалот во оваа програма ќе се одржат и премиерите на македонските филмови „Армандо Дијаз“ на Сандра Јовановска и „Злобната камера“ на Ана Алексовска.

Во рамките на филмската програма што се прикажува во Куршумли-ан, публиката можеше да ги проследи првиот филм од програмата „Руски снег“, „Под сонцето“, на Виталиј Мански, снимен во условите што владеат во Северна Кореја, краткиот филм „Фигура“ на авторката Катарзина Гондек, која е гостинка на „МакеДокс“ и која пронајде паралели меѓу нејзиниот филм и она што во последниве години се случува со поставувањето на голем број скулптури во центарот на Скопје, како и светската премиера на филмот „Отаде границите“ на Питер Зак, кој заедно со продуцентката Јана Цизар и снимателот на филмот Томас Пленарт, исто така, се гости на „МакеДокс“. Нивниот филм зборува за границите, вистинските и имагинарните, и со повеќе личности кои живеат на места кои се поделени со државна граница покажува дека најчесто границите се сместени во нашите глави, но и дека психолошкиот притисок на постоењето на границите може да биде огромен.

Со отворањето на фестивалот отворена е и изложбата на фотографии „Патувањата на магаренцето на МакеДокс“, која ќе може да се види до крајот на фестивалот под арките во Куршумли-ан.

Во случај на дожд или невреме, не се менува распоредот на проекциите во Куршумли-ан, а публиката ќе биде сместена под арките на Куршумли-ан.

Би можело да ве интересира

Почна фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“

Видеохроникa од патувачкото кино во Преспа

Бесплатна филмска проекција за загревање за 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска

13-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“

„Македокс“ – отворен повик за волонтери

„Македокс“ објави повик за продуценти/автори на документарни филмови за форумот МакеКоПроДокс

Жарко Настоски