„Либертанго“ – претстава за патот на тангото и животот на Пјацола

Од:

Македонската опера и балет в четврток премиерно ќе ја изведе претставата „Либертанго“ на музика на Астор Пјацола, која ќе ја расакаже животната приказна на овој композитор и почетоците на тангото во неговата родна Аргентина во втората деценија на 20 век.

Приказната го следи патот на италијанското семејство Пјацола – неговите родители Висенте и Асунта на кои оваа јужноамериканска земја им дала надеж за подобар живот како и на многу други италијански емигранти. Од Балетот најавија едночасовна танго-претстава изведена на балетски начин, во која танчарите ќе играат на снимена музика и ќе има неколку балади.

– Претставата има неокласичен стил и израз, бидејќи работиме танго претстава, а не го изоставивме нашето основно средство – шпиц-патиките. Така што, ова е еден танго-балет. Приказната ги прикажува неговите родители, самиот Пјацола како дете и веќе како остарен, неговата идеја да биде тоа што бил, да се занимава со таа музика, за на крај да завршиме со неговото познато „Либертанго“ или танго на слободата, рече на прес-конференција Олга Панго, раководител на Балетот на МОБ.

Авторката на либретото и режисерка на претставата Наташа Поплавска истакна дека и пред ангажманот за оваа претстава го проучувала овој танц на страста кој, рече, го создале три народи – Аргентинците, Шпанците и Италијанците. Претставата ќе го покаже сериозно и емотивно патот на создавањето на тангото, рече Поллавска, додавајќи дека свесно избегнале кафеанско танго, туку тоа ќе биде танго нуово – сплет на класика, џез и фолк-музика каква што се свири на улиците низ Аргентина.

Кореографијата е на Сабрина Боско од Италија која е задоволна што првпат Либертанго се поставува од компанија што не е италијанска и што, рече, се соочува со друг идентитет.

– Имав можност да добијам чувство за играчите, не само од технички аспект и материјал за работа, туку и да се доближам до нивните карактери. Претставата е резултат на голема тимска работа. Би сакала да го пренесам чувството што публиката вистински ќе го доживее за Либертангото и важно ми е нивната реакција како емоција, рече Боско.

Комплетната слика за тангото ќе ја доловат и костимите изработени од Александар Ношпал, кој овојпат е автор и на сценографијата, како и светло-дизајнот на Милчо Александров.

Ношпал рече дека преку боите и формите на костимите го следел наративот кој има три дела и го прикажува развојот на тангото.

– Висока естетика, голем рафинман и стил, она што тангото и го бара. Сценографијата е едноставна и лесно се трансформира, исто така префинета естетика, рече Нопшал, кој сам ги шиел костимите затоа што, рече, балетскиот костим му е пасија.

Посочи и дека претставата ќе изгледа како голема и скапа продукција, но дека имале многу мал буџет на располагање и ја создале со лични физички и финансиски вложувања.

– Имаме се почесто проблем да ги реализираме продукциите и тоа го правиме со многу жртви, истакна Ношпал. Режисерката Поплавска се надоврза дека културата и уметноста не треба да бидат оставени само на државниот буџет, туку треба поддршка и од бизнис-секторот за што е потребно да се донесе закон за спонзорства.

Ликот на композиторот Пјацола во три животни периоди – дете, млад и стар ќе го играат Марко Здравковски, Симоне Џиролети и Драган Кочовски. Во улога на неговите родители Асунта и Висенте ќе настапат Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили, а тројца познати аргентински танчари ќе ги играат: Мими Поп Алексова-Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска и Марија Јосифовска-Ристовска. Ќе учествуваат триесетина балетски играчи во улоги на танго-танчари и танчарки, италијански емигрантски фамилии… По премиерата в четврток, „Либертанго“ во МОБ репризно ќе биде изведена на 16 јуни.

Би можело да ве интересира

Концерт „Легендите живеат вечно“ во Македонска Филхармонија

Предраг Петровиќ

Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини во Национална опера и балет

Предраг Петровиќ

Пријавата за напад стигнала во МНТ, полицијата апелира на смиреност, евакуирани повеќе институции

Ландов

Полицијата го блокираше центарот на Скопје, неофицијално има дојава за бомба

Ландов

Гала оперски концерт и балет „Болеро“ в петок во НОБ

Ана Ололовска

Гала оперски концерт во НОБ

Ана Ололовска