Првиот ансамбл играорци на Културно-уметничкото друштво „8 Октомври“ од Крива Паланка ги претстави Македонската култура и фолклор на 82. Меѓународен фестивал „Бергама Кермеси“ во турскиот град Измир.
– Фестивалот е еден од првите локални фестивали основан во 1937 од страна на Република Турција и Мустафа Кемал Ататурк. Чест е да се претстави нашето фолклорно богатство на сцената пред десетилјадната публика, градоначалникот на Измир Азис Кочаоглу, градоначалникот на Бергама Мехмед Ѓунеч. Ги презентиравме „Игри од Егејски Македонија“, „Драчевка“, „Источна“, „Тресеница“, „Тетовски игри“, на пет настапи од кои првиот на отворањето на фестивалот, а истиот беше пренесуван и на националниот телевизиски сервис, изјави Александар Петровски, кореограф на КУД „8 Октомври“.
Фестивалот е основан со цел создавање хармонија на народите.
Програмата вклучи и останати културни и општествени активности, концерти, театарски игри, традиционални игри од државата и друго.