Со нов проект финансиран од УСАИД ќе се развива туристичката понуда на Кокино. Веб страна на локалитетот, видео спот, аудио водич во форма на мобилна апликација, поставување на патокази, информативни табли и заштитни прегради за ранливите делови на опсерваторијата и оградување на локалитетот ќе овозможат Кокино да стане полесно достапно и за македонските и за странските туристи.
Археолошко астрономскиот локалитет Кокино се очекува наскоро да прерасне во позната туристичка дестинација и да се најде на археолошката и туристичката мапа на светот. Овој локалитет претставува реткост не само на Балканот туку и во Европа, а американската вселенска агенција НАСА пред повеќе години го позиционираше на 4 место меѓу најстарите и највредните 15 праисториски опсерватории во светот.
Според министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, Кокино е капитален проект на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура и континуирано се вложуваат напори за заштита и промоција на ова непроценливо културно богатство.
Канческа Милевска посочи дека веќе е во тек и четири годишниот проект Кокино – Македоснки бренд со кој се предвидува изградба на пристапна патека со назначен правец на движење за посетителите, поставување на заштитни огради на дел од патеките со материјали кои се во согласност со природната околина (дрво, камен), изработка на информативни материјали за локалитетот и изградба на Центар за посетители во кој ќе има сала за одржување работилници, семинари и слично, изложбен простор, сувенирница и ресторан. Центарот ќе биде опремен со современа компјутерска опрема за обезбедување на локалитетот и евидентирање на бројот на посетителите.
Лела Крстевска , директор на Националната агенција за промоција и поддршка на туризмот во Р. Македонија истакна дека најважно од се е на глобално ниво да се мапира Македонија како единствена дестинација која нуди не секојдневни форми на туризам.
Таа посочи дека токму затоа во мај во Охрид ќе се одржи Mеѓународна конференција за развој на туризам на која ќе учествуваат 300 делегати од цел светот на која меѓудругото ќе биде промовиран и локалитетот Кокино.
Мајкал Стиватер директор на канцеларијата за развој на УСАИД во Македонија истакна дека Кокино како единствена опсерваторија на Балканот и како една од најстарите опсерватории од тој тип во светот има потенцијал да привлече туристи.
-10.000 до 20.000 луѓе го посетуваат Кокино секоја година и ова е добра линија за почеток, но многу може да се направи за да се подобри ситуацијата и да се зголеми бројот на посетители, рече Стиватер.