Тимот на Книготека.мк во соработка со издавачите „Антолог“, „Бата Прес“, „Или-Или“, „Бегемот“, „Сакам Книги“, „Македоника“ и „Полица“ започна иницијатива за доделување на ваучери за бесплатни е-книги од домашни и странски автори.
Преземањето книги е брзо и лесно и ќе ви овозможи да се оттргнете од телевизијата, дигиталните медиуми и социјалните мрежи и вашето слободно време да го искористите квалитетно во друштво на книга. Книгите може да се преземат од веб-страницата на Книготека.мк и бесплатната апликација за сите мобилни и таблет-уреди на „Android“, што може да се инсталира преку „Google Play“. Дополнително, апликацијата е достапна и за мобилните и таблет-уреди на оперативниот систем „iOS“ и може да се инсталира преку „App Store“.
„Во период кога најважно од сè е да седиме дома и да се грижиме за нашето здравје и здравјето на секој поединец, веруваме дека секому е потребна поддршка да прави нешто што ќе го исполни и расположи. Поттикнати од актуелната ситуација, одлучивме на секој наш читател да му подариме ваучер за една бесплатна е-книга од домашен или странски автор по свој избор. Споделете ја иницијативата со вашите блиски пријатели и семејството и искористете го ова време за читање“, вели Марија Ичокаева.
Книготека.мк располага со околу 300 книги напишани од странски и домашни автори. Апликацијата е бесплатна, сè што треба да направите е да ја симнете на вашиот мобилен или таблет-уред, да се регистрирате и да започнете со читање на најновите е-книги.
Со цел да се овозможи максимална удобност при читањето, е-читачот на Книготека.мк овозможува прилагодување на читањето согласно потребите на корисниците, оттука, како читател можете да изберете фонт и големина на текст, да пребарувате во книгата, да подвлекувате и оставате белешки, како и да ги оценувате прочитаните книги.
Инструкциите за користење на бесплатниот ваучер и преземање на една книга по избор може да го прочитате тука.
Дополнително, следниот месец, сите изданија што ги нуди Книготека.мк ќе може да се купат на 30% попуст. Прокетот Книготека е поддржан од “Фонд за иновации и технолошки развој”.